Зошто ѝ се важни на Македонија родовите студии? – 5

Намерувајќи да ја одржи во живот општествената расправа за прашањата од областа на родовите студии — сред временото згаснување на програмата за родови студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ — студентската организација „Излез“ им се обраќа на повеќе имиња од домашната јавна сцена со едно единствено прашање: зошто ѝ се важни на Македонија родовите студии? Одговорите ги поврзуваме од ден на ден!

Се сеќавате ли на изреката на Фројд — биологијата е нашата судбина? За разлика од него, Батлер вели — културата е нашата судбина. Токму со ова го кажувам својот став за важноста на родовите студии во Македонија! Учеството на жените во високото образование се приближува до идеалот на Европската Унија на 50 отсто застапеност на жените, а истото важи и за судството и за другите високи административни позиции. Сепак, она што е поважно од квотите во парламентот или од бројките во поширока смисла е родовата сензибилизираност во нашево општество. Јазикот е едно од полињата во кое се гледа нерамноправноста или родовата дискриминација. Речиси сите именки за јавни функции и за важни професии ги ставаме во машки род (министер, доктор, професор), а наспроти тоа, својствено ни е да зборуваме за воспитувачка, за чистачка, за готвачка… Јас како комуниколог сум засегната што именката „комуниколог“ уште нема женски род. Сè уште ја нормираме женскоста според машкиот принцип. Во Скопје нема мост и булевар именуван со име на жена — јас барем не се сетив на таков. Исто така, уште нè трогнува реклама на мускулест маж со новороденче в раце, но чудно ни е да видиме маж на реклама за прашок за перење алишта. Во сериозните информативни програми, 19 отсто од изјавите се земени од жени наспроти 81 отсто изјави земени од мажи. Медиумската презентација на жените е најчесто сведена на формулата „убави и витки“. Изградена е цела индустрија на покажување на женското тело — модната индустрија, шоу-бизнисот, рекламната индустрија. Не е ли ова еден вид бениген, секојдневен сексизам? Со тоа, на некој начин, ѝ се дава ласкавата позиција на жената како муза, како што била инсирација и естетска гозба за многу уметници низ историјата. Ако се вратиме назад низ официјалната историја на уметноста, и таму ќе ја најдеме жената како акт, а не како автор. И кога ќе слушнете дека некои луѓе сè уште го разбираат феминизмот како движење против мажите или како група грди жени со мустаќи, кои не можат да си најдат маж, тогаш сè е јасно. Би зборувала и за андрогинот, но тоа бара една поголема анализа и поголемо парче хартија или компјутерска белина. Во секој случај, родовите студии помагаат за сензибилизација на македонското општество и се важни за социјалната конструкција на родовите идентитети. Својот коментар ќе го завршам со заедничкиот именител на модерните феминистички теории, фразата: личното е политичко!

Ана Јовковска
комуниколог и ТВ-лице

Извор: Излез