Rainbow Europe 2016 го истражува статусот на ЛГБТИ луѓето во Европа – Македонија повторно на дното

Скопје, 10 мај 2016 

Официјално претставени денеска (10 мај) на четвртата годишна конференција за одбележување на Меѓународниот ден на борба против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, индексот Rainbow Europe на ИЛГА Европа за 2016 година открива многу голема нееднаквост во состојбите за лезбијките, геј мажите, бисексуалците, транс и интерсексуалните луѓе низ Европа.

Rainbow Europe 2016 ја прикажува тековната состојба на законите, политиките и практиките кои влијаат врз ЛГБТИ луѓето во Европа. Оваа година три различни тренда се присутни:

  1. Земји кои демонстрираат лидерство со воведување мерки за рамноправност кои воспоставуваат стандарди
  2. Земји во кои ништо не се менува, вклучувајќи некои кои се традиционално гледани како прогресивни, и
  3. Земји кои активно ги таргетираат ЛГБТИ луѓето со рестриктивни закони

Најновата Rainbow Europe Мапа, која го одразува развојот во законите и политиките , потврдува дека неколку земји сеуште поставуваат нови стандарди за ЛГБТИ еднаквост и како резултат се движат нагоре на листата. За жал, многу малку земји спаѓаат во оваа категорија.

Во земјите рангирани во долниот дел од листата, ЛГБТИ луѓето и нивните семејства се соочуваат со сценарио каде што активно се еродираат нивните права. Последниот Rainbow Europe Мапа и Индекс на ИЛГА-Европа содржи суров потсетник дека Европа не е оштетена само од бавните промени во законодавството. Отсуството на поддршката на закони и политики е една работа, легализацијата на угнетувањето е сосема друга закана. Регресивните закони, насочени кон поединците и работата на ЛГБТИ активистите и невладините организации, се штетни и вистинска закана во многу европски земји.

Законите сами по себе не значат дека автоматски животот е лесен – или дури и безбеден – за ЛГБТИ луѓето во сите земји на врвот на листата на Rainbow Europe. Точната слика е онаа која ги комбинира законските услови и условите за живеење и тоа е причината зошто е важно да се користат Мапата и Годишниот преглед заедно во тандем.

Rainbow Europe мапа и индекс

The Rainbow Europe Мапата рангира 49 европски земји во однос на поединечните правни и политички практики за ЛГБТИ луѓето, од 0-100%.

Tоп 3, Rainbow Europe Мапа 2016 Последни 3, Rainbow Europe Мапа 2016
1. Малта – 88% 47. Ерменија – 7%
2. Белгија – 82% 48. Русија – 7%
3. Велика Британија – 81% 49. Азербејџан – 5%

За прв пат во историјата, Малта се појавува на врвот на рангирањето на земјите во Европа. Сега на првото место со 88%, островската земја се искачи од третото место во 2015 година (Малта беше 11-то место во 2014 година), Белгија е на второто место со 82% и Велика Британија е трета со 81%. Азербејџан (49-то место, 5%), Русија (48 место, 7%) и Ерменија (47-то место, 7%) се последните три на Мапата.

Со цел да се создаде рангирањето на земјите, ИЛГА-Европа ги испита законите и политиките во 49 земји со помош на збир од критериуми – од мај 2016 година, бројот на индивидуалните критериуми кои се користат се зголеми на 52. Овие критериуми се поделени меѓу шест тематски области: еднаквост и недискриминација; семејство; злосторство од омраза и говор на омраза; правно признавање на родот и телесен интегритет; основни права и слободи и право на азил.

Годишен преглед

Со годишниот преглед, ИЛГА-Европа состави детална публикација која го наведува напредокот постигнат на ниво на поединечна земја во последните 12 месеци од јануари до декември 2015 година. Исто така, се осврнува на работата за ЛГБТИ еднаквост извршена од страна на организации, како што се Европската унија, Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Советот на Европа.

Ситуацијата во Република Македонија

Република Македонија е рангирана 36та од 49 земји на Мапата на Rainbow Europe. Со само 18,55% Македонија е земја со најмал процент на заштита на правата на ЛГБТИ заедницата во регионот. Водечка земја во регионот е Хрватска со 67%. Земји кои се под Македонија на листата се: Азербејџан, Русија, Ерменија, Монако, Турција, Белорусија, Украина, Сан Марино, Молдавија, Летонија, Литванија, Лихтенштајн и Полска.

Од 52 индивидуални критериуми од 6 категории, во Македонија се исполнети само 8. Тоа се:

  1. Категорија за еднаквост и недискриминација
  • Добра и услуги (сексуална ориентација),
  • Здравство (сексуална ориентација),
  • Образование (сексуална ориентација)
  1. Категорија за семејство
  • Нема уставно ограничување на бракот,
  1. Категорија за правно признавање на родот и телесен интегритет
  • Промена на личното име
  1. Категорија на основни права и слободи (слободата на собирање, здружување и изразување)
  • Јавни настани одржани без опструкција на државата (последни 3 години)
  • Здруженијата работат без опструкција на државата (последни 3 години)
  • Нема закони за ограничување на правото на слобода на изразување (национално/локално)