Геј пар нападнат во Приштина

Геј пар беше нападнат оваа сабота 2 јули во Приштина, известуваат колегите од Центарот за развој на општествени групи – CSGD. Тие биле нападнати од страна на сопственикот на нивната куќа која што тие ја изнајмувале бидејќи ја дознал нивната сексуална ориентација.

Жртвите биле физички и вербално нападнати, со нож и со лопата, заклучени од внатрешноста на куќата и нивните лични предмети им биле одземени. Со цел да избегаат од нападот, биле принудени да скокнат од балконот на вториот кат. Тие завршиле без покрив над главата и со повреди во пределот на лицето и телото.

Случајот е пријавен во полиција (полициска станица Центар (Qendra)) и полицијата им помогнала на жртвите да ги добијат своите лични работи назад. Загрижувачки е фактот дека сторителот не е уапсен, иако тој им се заканувал на жртвите во присуство на полицијата, а имало и очевидци. Од истражувачот на случајот било побарано објаснување, но тој не бил во можност да даде дополнителни информации.

Случајот е пријавен во канцеларијата на Народниот правобранител во понеделникот, 4-ти јули и CSGD ќе биде во тесна соработка со нив, со цел да се добијат повеќе информации од полицијата.

Ова не е прв пат геј луѓето во Косово да бидат нападнати. Двајца геј мажи биле жртви на напад на 10-ти јуни во Феризај (Урошевац). Еден од нив имаше повреди на телото и лицето и жртвата побара медицинска помош. Напаѓачите, четири возрасни мажи, непознати на жртвите, се уапсени од страна на полицијата.

Субверзивен фронт ги осудува ваквите напади поттикнати од омраза кон ЛГБТИ лицата, и ги повикува надлежните институции во Косово да ги преземат сите неопходни мерки за спроведување на соодветна истрага на сите вакви случаи, и да ги гарантира безбедноста и заштитата на ЛГБТИ лицата во согласност со законите и Уставот на Косово.