Руски ЛГБТИ активисти во трка за место во руската Дума за да се борат против Путин и хомофобијата

Булат Барантајев и Алексеј Корољов
Булат Барантајев и Алексеј Корољов

Двајца ЛГБТИ активисти и јавно декларирани геј лица влегоа во изборната трка за место во рускиот Парламент. Нивната цел е од Думата да се борат против хомофобијата во Русија и претседателот Владимир Путин.

Булат Барантајев и Алексеј Корољов се кандидати  на социјал-либералната коалициска партија Парнас во сибирскиот град Новосибирск и во јужниот град Краснодар. И двајцата се реалистични и се свесни дека имаат мали шанси да бидат избрани како јавно декларирани геј лица, но сепак сметаат дека нивната сексуалност не треба да претставува пречка на патот за висока општествена функција.

Активистите велат дека решиле да влезат во политиката откако Русија ја забрани „геј пропагандата“, односно забрани каква било „промоција“ на хомосексуалноста.

Барантајев, кој во 2011 година ја основа на организацијата на геј права ГОРД, вели дека руските власти ги „етикетираат ЛГБТ лицата како непријатели за да го одвлечат вниманието на јавноста од вистинските економски и политички проблеми“.

– Долго време ги користев сите можности за да создадам публика која ќе ги прифати ЛГБТИ лицата. Со мојот пример, покажав дека геј лицата во Русија можат да создадат свој успешен бизнис, да среќаваат и да запознаваат луѓе, да имаат деца, па дури и да се кандидираат за државната Дума – вели Барантајев.

Тој вели дека државата го поддржува малтретирањето на јавно декларираните геј лица и оти и самиот бил жртва на тоа.

– Бев напаѓан, а бев и свикуван во канцеларијата на градоначалникот поради моето барање да одржам ЛГБТИ настан. Надвор од канцеларијата бев нападнат од насилници и претепан. Подоцна, кога се вратив дома, млади момци, кои не ги познавам, го извикуваа моето име и ме навредуваа. Поради нападите, понекогаш ми е страв да бидам во јавност, но немам комплекс на жртва. Тие не третираат онака како што ќе им дозволиме да не третираат  – вели Барантајев.

Во меѓувреме, Корољов вели дека борбата против хомофобијата на руските власти треба да почне од Парламентот.

– ЛГБТ заедницата се наоѓа во очајна ситуација и потребни ни се сојузници. Добро е што успеавме да формираме коалиција на Парнас. ЛГБТ заедницата доби нови ресурси за да се одбрани себе си, а партијата доби нови гласачи. Одлучив да се кандидирам затоа што владејачката партија има екстремно хомофобичен став. Властите спроведуваат хомофобичен дискурс во општеството, што поттикнува злосторство од омраза – вели Корољов.

Парламентарните избори во Русија се закажани за 28 септември.