КЗД не утврди дискриминација на ЛГБТИ лицата во скрипта за студиите по психологија

filozofski-fakultet-i-spornata-skripta

Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) не го почитуваше законски пропишаниот рок за реагирање по претставката и во утврдувањето на фактите и примената на законите, оцени Македонското здружение на млади правници во анализа на мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација во случајот со користењето на навредлив, омаловажувачки и понижувачки говор кон лицата со хомосексуална ориентација во наставно помагало (скрипта) кое се користи на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во анализата се наведува дека Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт – Скопје“ и Здружението на граѓани за социјален и мултикултурен развој „Женска алијанса – Скопје“, со поддршка од Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, спроведуван од Македонското здружение на млади правници, на 13 јули 2015 година поднеле претставка до Комисијата за заштита од дискриминација против Филозофскиот факултет – Скопје и против професорот Благоја Јанаков, редовен професор на Филозофскиот факултет поради учебно помагало, скриптата „Личност (Основи на персонологија)“ чиј автор е самиот Јанаков. Комисијата, од друга страна четирикратно го пречекорила законски пропишаниот рок за давање мислење.

„Законскиот рок во кој Комисијата е должна да даде мислење по поднесена претставка е 90 дена (чл. 28 ст. 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација) без можност за продолжување на овој рок. Претставката беше уредно поднесена на 13 јули 2015 година, а мислењето беше донесено на 1 јули 2016 година односно една година подоцна. Ваквото неоправдано одолговлекување на постапката внесува оправдан сомнеж во капацитетот на Комисијата да ги штити граѓаните од дискриминација“, стои во анализата.

Македонското здружение на млади правници истакнува дека Комисијата исто така не ги почитувала законските прописи со тоа што го зела предвид изјаснувањето на Филозофскиот факултет – Скопје и авторот на текстот, доставено седум месеци по истек на законскиот рок.

„Лицето против кое е поднесена претставка може да се изјасни во наводите во рок од 15 дена од денот на приемот (чл. 27 ст. 2 од ЗСЗД). Комисијата доставила барање за изјаснување на 24 јули 2015 на што е одговорено дури на 8 април 2016 година, седум месеци по истекот на законскиот рок. Рокот за доставување на изјаснување по претставката е содржан во императивна одредба која како таква е задолжителна и не дозволува истегнување и факултативна примена. Изјаснувањето според тоа е ненавремено и како такво не треба да се земе предвид при утврдувањето на фактите и донесувањето на мислењето“, стои во документот.

Од Здружението го оспоруваат делот од мислењето на Комисијата во кое се наведува дека во спорниот текст не се содржани зборови кои упатуваат на навреди или на поттикнување на омраза. Тие истакнуваат дека авторот искривувајќи ги фактите ги навредува лицата со хомосексуална ориентација. Здружението посочува на следниот дел од текстот:  „Епа штом е така, пречка за брак меѓу човек и животно нема (вклучително и ако се од ист пол, на пример машки слон со машки човек). Хомосексуалците и забеганите понатаму ќе бараат и „легализирање на детската проституција и легализирање на брачни врски со андроиди, виртуелни суштетсва, уметнички дела, тенџериња итн…“, како и реченицата „ако некој слободно се определи за хомосексуална врска нека стапи во таква врска и нека ужива. Ако некој слободно се определи да стапи во љубовно-брачна врска со нилски коњ – нека стапи и нека ужива…“.

Во анализата се наведува дека Комисијата при носењето на мислењето се водела од претпоставки, а не од факти, поради што навела дека авторот користел соодветни истражувачки резултати и реферира соодветни научни авторитети со кои ги поткрепува изнесените научни аргументи.

„Текстот содржи исклучиво лични, ненаучно засновани ставови и пред сè предрасуди на авторот, против хомосексуалците и т.н развиен демократски и слободен свет. Авторот не презентира никакви истражувања врз основа на кои дошол до ставовите кои ги изнесува ниту пак реферира соодветна релевантна литература (со исклучок на Николози во однос на делот за терапија од хомосексуалноста). Авторот не ги образложува користените тешки зборови ниту презентира аргументирани ставови, поткрепени врз основа на користење на каков било метод на истражување кое што е својствен за науката“, стои во анализата.

Здружението потсетува дека најголемиот дел од науката има јасен и конзистентен став во однос на хомосексуалноста и оти Светската здравствена организација, Американската асоцијација на психолози и Американската асоцијација на психијатри не ја сметаат хомосексуалноста за болест.

„Секое поинакво мислење од ова мора да биде добро аргументирано и поткрепено со резултати од истражувања. Спорниот текст го нема тоа па затоа не може да биде земен предвид како сериозен научен текст“, велат од Здружението.

На крајот на анализата се наведува дека поднесувањето на претставката до КЗД, се покажала како неефикасно затоа што не се постигнала целта на објективна оценка на содржината на скриптата, а со самото тоа и заштита на лицата кои се дискриминирани и кон кои се поттикнува говор на омраза поради нивната сексуална определба, земајќи го предвид фактот дека од оваа скрипта се образуваат и ќе се образуваат студенти и идни психолози.