Индонезија ги забрани ЛГБТ апликациите

lgbt-aplikacii-1

Индонезија одлучи да го забрани „Гриндр“, „Блуд“ „Бојахој“ и други ЛГБТ сајтови и апликации. Претходно индонезиската влада одлучи да ги забрани во земјата ЛГБТ апликациите за запознавање откако разоткри „синџир за геј проституција“.

Одлуката за забрана била донесена минатата недела, за време на владина седница, одржана зад затворени врати.

– Сите учесници на состанокот се согласија да се блокираат сајтовите кои промовираат ЛГБТ. Поголем дел од содржините водат кон порнографија и го кршат законот за порнографија и законот за заштита на децата – соопшти Ајдил Чендрамата, директор за информациона безбедност при Министерството за комуникации по владиниот состанок.

Портпаролот на Министерството за комуникации, Нор Иза соопшти дека владата ги информирале трите интернет провајдери за активирање на забраната.

– Почнавме да ги блокираме ЛГБТ апликациите – рече Иза, додавајќи дека идејата била да се запре промовирањето на „сексуалните девијации“.

app-store-website

Повеќе од 80 интернет страници и апликации со ЛГБТ содржина се опфатени со забраната. Индонезиската влада побарала од „Гугл“ и „Епл“да ги отстранат апликациите од нивните виртуелни продавници. Засега не се знае дали компаниите ќе ги спроведат инструкциите на владата на Индонезија.

Според Јули Рустинавати, претседател на ЛГБТ групата Арус Пеланги, забраната само ќе ја направи ЛГБТ заедницата уште поранлива.

– Со затворањето на геј апликациите, заедницата ќе биде уште поизолирана и луѓето нема да можат да запознаваат пријатели преку виртуелниот свет. Навистина е чудно што се забранува запознавање пријатели – вели Рустинавати.

Еминентниот индонезиски активист за геј права, Деде Оетомо ја обвини владата дека се обидува „да создаде страв во општеството“ и оти властите „доживуваат морална паника“, штом донеле ваква одлука.

Индонезија, која е четвртата најнаселена држава во светот, исто така размислува целосно да го забрани секс меѓу припадници на ист пол.

Врховниот суд на Индонезија го разгледува барањето поднесено од конзервативна исламска група.

– Гледаме дека ни се случува морална деградација. Ова го правиме од љубов кон нашата нација. Мораме да преземеме нешто, додека не стане предоцна – изјави Рита Хендравати Соебаџио од алијансата Семејна љубов.