Малолетник брутално претепан во Подгорица под претпоставка дека е геј – ЛГБТИК организациите бараат строги казни за напаѓачите

lgbt-zname

Тројца мажи во саботата во Подгорица од омраза брутално го претепале малолетникот Ј.М. под претпоставка дека е геј, јавуваат црногорските ЛГБТИКплус-организации.

Основното државно обвинителство на Црна Гора поднесе кривична пријава против трите лица, чиј идентитет е добро познат на полицијата.

Малолетникот Ј.М. во моментот на нападот се шетал со својата малолетна сестра, кога на нив налетало возило. Еден од напаѓачите од возилото во движење извикал „педер“, на што Ј.М. одговорил.

Возилото се оддалечило, но подоцна се вратило и од него излегол совозачот, кој го грабнал Ј.М. за врат. Напаѓачот го турнал малолетникот на земја и почнал главата да му ја удира од бетонот. Жртвата на кратко успеала да се оттргне од напаѓачот, но веднаш била грабната за коса и добила уште неколку боксови и клоци во пределот на ребрата.

По извесно време, напаѓачите заминале со автомобилот, по што малолетникот повикал полиција, на која и ги соопштил регистарските таблички на возилото со кое напаѓачите заминале.

Напаѓачите по извесно време се вратиле, а кога им било кажано дека се пријавени во полиција, на нападнатите им упатиле смртни закани.

Од „Квир Монтенегро“ го осудуваат инцидентот и истакнуваат дека малолетникот Ј.М. не е припадник ЛГБТ-заедницата, туку страсен поддржувач и поборник за човековите права на ЛГБТ-лицата.

„Овој брутален напад е мотивиран од омраза и нетрпеливост и уште еднаш укажува на фактот дека жртви на напади не се само ЛГБТ-лицата, туку и нивните пријатели, семејства и поддржувачите на човековите права на ЛГБТ-лицата“, велат од „Квир Монтенегро“.

Организациите „Квир Монтенегро“, „Монтенегро прајд“ и „Јувентас“, нагласуваат дека бруталниот напад и претепувањето претставува јасен случај на кривично дело извршено од омраза и оти очекуваат како такво да биде квалификувано, а извршителите да бидат најстрого казнети.

Македонската организација „Субверзивен фронт“ се приклучува на апелот на црногорските организации и бара полицијата, обвинителството и судот итно да го процесираат случајот, да ги искористат сите законски пропишани можности за извршителите на бруталното претепување да бидат изнесени пред лицето на правдата, да бидат санкционирани со максималните законски пропишани казни, и од нив да се направи пример за превенција на вакви и слични случаи.