Норвешка дозволи децата законски да си го сменат родот

Норвешка неодамна стана петата држава во светот во која возрасните можат законски да ја сменат ознаката за род, без потврда од лекар или хируршка интервенција. Аргентина, Ирска и Данска имаат слични закони, но само Малта, а сега и Норвешка ги проширија либерализираните правила така што тие сега се однесуваат и на деца.

Доколку имаат согласност од родителите, децата во Норвешка веќе на шест години можат да се самоопределат како девојчиња или момчиња и на тој начин да го сменат полот кој им е препишан од раѓање.

Без барање за операција и советување, процесот е лесен и сличен на пополнување на формулар за данок. Досега не е одбиена ниту една пријава.

neutral-gender

Иако норвешките законодавци тврдат дека некои прашања кои се поврзани со трансродните деца остануваат не решени, сепак законот предизвика контроверзии кога беше претставен. Претставниците на парламентот, и од левицата и од десницата го одобрија законот во јуни со 79 гласови „за“ и 13 „против“.

– Запознав неколку млади луѓе кои ми рекоа дека законот им го олеснил животот и оти всушност го прави животот возможен – рече министерот за здравство на Норвешка, член на конзервативна партија, еден од оние кои го поддржа законот и член на работната група која расправаше за законот.

Законодавците размислуваа да додадат задолжителен период на набљудување на возрасните и на децата пред да можат да покренат законска транзиција, но на крај сфатија дека тоа би бил „навредлив и патерналистички потег“.

Наместо тоа, по пополнувањето на интернет формуларот, кој генерира електронски одговор од даночните власти, лицето мора само писмено да ги потврди своите намери со цел процесот на промена да биде комплетиран. Откако нивните пријави ќе бидат одобрени, добиваат нови национални идентификациски броеви кои овозможуваат ажурирање на сите видови идентификации, од пасош и возачка дозвола, до извод од матичната книга на родените и кредитните картички. Даночниот идентификациски број во Норвешка содржи и податок за родот.

До јули годинава, Норвешка беше една од 32 европски земји кои од лицата бараа да минат низ период на советување, хормонска терапија и на крај операција за прилагодување на полот, пред законски да им се признае промената на родот.

1260-women-149577_1280

Ваквите мерки суштински ги спречуваше децата да минат низ процесот на транзиција, а го одложуваше процесот кај возрасните кои не можеа да си го дозволат или пак не сакале операција. Во САД, овие барања се разликуваат од држава до држава, но генерално гледано, трансродните лица мораат да обезбедат доказ за „клинички соодветен третман“.

Иако Малта дозволува родителите или старателите, во име на детето да побараат од судот промена на полот. Норвешка е единствената држава во која малолетните лица минуваат низ идентичен административен процес како и возрасните.

Норвешкото здружение за родова и сексуална различност, кое помогна во создавањето на законот, успешно лобирало старосната граница за децата да се намали од седум на шест, така што децата можат да тргнат на училиште со веќе ажурирани податоци. На тој начин се спречува јавната транзиција.

Од 250 Норвежани и Норвежанки кои аплицирале за промена на родот откако законот стапи на сила, повеќето се возрасни.

Покрај црковните групи кои ги критикуваа новите правила, организации кои се борат за правата на трансродните лица исто така изразија своевидна загриженост.

mikael-scott-bjerkeli

Претседателот на центарот „Хари Бенџамин“ во Осло, Микаел Скот Бјеркели, чија организација работи на обезбедување медицинска транзиција на транс лицата, смета дека законот бил избрзан и оти би можел да го запре напредокот, доколку биде злоупотребен.

Бјеркели го наведува примерот со Данецот, кој законски ја променил ознаката за род во ситуација слична на онаа во Норвешка, а потоа се соблекол во женска соблекувална за да докаже дека овој закон е лош.

– Со години работевме и се трудевме да изградиме разбирање за оваа состојба и за овие луѓе. Ситуација како таа, кога некој ќе се соблече за да докаже нешто, може да ги наведе луѓето да помислат оти сето тоа е шега – вели Бјеркели.

Тој смета дека советувањето треба да биде услов и задолжително пред лицата да можат законски да ја заменат ознаката за род.