Вистинско време е фудбалерите да признаат дека се геј, оцени поранешниот фудбалер Крис Сатон

Поранешниот фудбалер на „Челзи“ и на „Селтик“, Крис Сатон оцени дека „сега е вистинско време“ за фудбалерите да ја признаат својата хомосексуалност и додаде дека е уверен оти соиграчите во клубовите ќе ги поддржат.

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Англија, Крег Кларк кон почетокот на неделата изјави дека се плаши оти фудбалерите би можеле да бидат малтретирани, но Сатон не се согласува со тоа.

kris
Крис Сатон

– Кога првиот фудбалер ќе признае дека е геј, останатите ќе го следат. Нема подобро време за фудбалерите за излезат и да кажат: „Јас сум геј“. Тоа би била најдобрата работа која може да се случи во дебатата против хомофобијата. Мислам дека тогаш би помислил: „Добро, но дали ми е гајле“. Уверен сум дека 99,9 отсто од луѓето го мислат истото. Не е во ред да поставуваме мислења кои се темелат на тоа како 0,1 отсто од луѓето ќе реагираат – вели Сатон.

Поранешниот фудбалер на „Челзи“, „Селтик“, „Астон Вила“, „Блекбурн“ и „Бирмингем“ вели дека врвните фудбалери треба да бидат искрени во врска со хомосексуалноста.

– Домашните навивачи би го поддржале својот играч, но гостинските не – рече Сатон кој одигра еден натпревар за репрезентацијата на Англија.

Тој рече дека има многу навредливи скандирања, но праша дали е тоа полошо од оние песни кои ги пеат мала група навивачи за трагедиите кои им се случиле на противничките тимови.

Џастин Фашану
Џастин Фашану

Првиот фудбалер во Англија кој јавно призна дека е геј е поранешниот напаѓач на „Нотингем Форест“, Џастин Фашану во 1990 година. Тој се самоуби осум години подоцна, кога имаше 37 години, откако беше обвинет дека сексуално малтретирал 17-годишно момче.

Оттогаш во англискиот фудбал немало јавно изјаснување за хомосексуалноста, се до февруари 2014 година, кога тоа го направи поранешната капитенка на женската репрезентација, Кејси Стони.

Томас Хицлшпергер
Томас Хицлшпергер

Германецот Томас Хицлшпергер е првиот фудбалер од „Премиер лигата“ кој призна дека е геј. Тој тоа го направи во јануари 2014 година, кога ја заврши кариерата во „Евертон“.

Сатон рече дека верува оти секој играч кој ќе се изјасни како геј би добил „безрезервна поддршка“ од соиграчите.

– Мислам дека само шегите би можеле да отидат најдалеку. Сето друго би било малтретирање, а соиграчите би се вмешале и би го запреле тоа. Тоа така оди – вели Сатон.