Во Хрватска покренато обвинение за ширење омраза на „Фејсбук“ против ЛГБТ-лица

split_pride18-040616Сплитското општинско државно обвинителство покрена обвинение против двајца мажи за јавно поттикнување насилство и омраза затоа што преку интернет ширеле нетолеранција кон лица со хомосексуална ориентација, соопшти хрватското државно обвинителство.

Првото обвинение е покренато против 32-годишник кој се товари дека на 1 мај годинава, околу еден часот по полноќ, на објава на фејсбук-страница на далматински портал за „Парадата на гордоста во Сплит“, напишал текст во кој со погрдни зборови ги опишал лицата со хомосексуална ориентација и притоа навел дека „таквите лица треба да се убијат“.

„Ваквите бројни погрдни зборови, коментари и закани објавени на оваа социјална мрежа, предизвикале вознемиреност и страв кај граѓаните со хомосексуална ориентација кои планирале да учествуваат на Парадата“, стои во обвинението.

Другото обвинение е поднесено против 35-годишник и тоа за исто казнено дело. Тој на 2 јуни годинава, во 12 часот на пладне преку својот фејсбук-профил напишал дека ЛГБТ-лицата „треба да се полеат со бензин и да се запалат“.