Посета на ЕУ институциите во Брисел и состанок со Иво Вајгл

Брисел, 18 ноември 2016

На покана од ИЛГА Европа, Сараевскиот отворен центар и Зелените/Европската слободна алијанса (Пратеничката група на Зелените во Европскиот парламент), Субверзивен Фронт учествуваше на низа настани организирани во Брисел, во периодот од 13 до 18 ноември 2016.

Студиската посета на Генералниот директорат за европски соседски политики и преговори за проширување имаше за цел да ги извести неговите претставници за состојбата со ЛГБТИ правата и проблемите во РМ, да ја уште еднаш потенцира потребата од итни измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и да даде осврт на неодамна објавениот Годишен извештај за РМ на Европската комисија во делот на почитувањето и заштитата на правата на ЛГБТИ лицата во РМ. На состанокот со претставничките од Политичката катедра во Генералниот директорат за европски соседски политики и преговори за проширување, г-а Евиола Прифти и г-а Мари-Астрик Хуемер, беше истакната потребата од опфаќање на информациите за состојбата со дискриминацијата, вознемирувањето и малтретирањето на младите ЛГБТИ лица во Скопје кои произлегоа од спроведеното истражување на Сувберзивен Фронт. Истовремено, на состанокот беше истакнато и отсуството на ЛГБТИ прашањата од политичката агенда во изминатите 2 години откако започна политичката криза во РМ со објавувањето на скандалот со прислушувањето.

20161115_101201

На состанокот со г-ин Иво Вајгл, европратеник од Алијансата на либерали и демократи во Европа, беше исто така истакната маргинализираната позиција на ЛГБТИ прашањата во политичката сцена во РМ во изминатите 2 години, како и потребата од зголемен ангажман и заложби на Европскиот парламент, а посебно Специјалниот известувач на ЕП за Македонија, г-ин Иво Вајгл, во застапувањето на правата на ЛГБТИ лицата во Македонија. Во согласност со ова, г-ин Иво Вајгл беше поканет да земе учество и на првата Национална конференција за ЛГБТИ во Македонија која ќе се одржи во 5 декември 2016 во Скопје. На 16 и 17 ноември беше остварен работниот состанок со партнерите од Босна и Херцеговина, Косово и Србија во рамките на проектот „Искористување на ЕУ-интеграциските процеси за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата во Западен Балкан“ на кој беа разгледани работните планови за 2017 година.

20161117_120118Во четврток, 17 ноември, Субверзивен Фронт учествуваше и на конференцијата организирана од Зелените/Европската слободна алијанса „Queer people unite: Fighting the societal backlash” во Европскиот парламент. Потпретседателката на Европскиот парламент и ко-претседателка на Интегрупата за ЛГБТИ права во ЕП, г-а Улрике Луначек, пред присутните повеќе од 100 учесници, ја истакна потребата од здружување на силите на сите општествени групи и движења ширум Европа против опресивните, нео-конзервативни и десничарски политики кои зедоа замав последните неколку години, а посебно после Брегзит и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Европратеничката од Зелените, г-а Тери Раинтке, ја истакна потребата од засилување и консолидирање на ЛГБТИ и квир движењата во Европа како резултат на зголемениот број на случаи на говор на омраза и злосторства од омраза засновани на сексуална ориентација и родов идентитет. Таа го истакна примерот во Велика Британија каде случаите на пријавени злосторства од омраза врз ЛГБТИ лицата по Брегзит се зголемиле за 147%.