Ирачки војници се вљубиле сред војна, но нивната приказна има среќен крај


Пред 12 години, во Ирак кој беше разурнат од војна, се роди во една необична љубов која и денеска трае. Во паузите меѓу борбите, во воен камп, во земја каде што хомосексуалноста се казнува со смрт, ирачките војници Бто Алами и и Најеф Хребид се вљубија на прв поглед.

– Бев во Рамади. Тоа беше најлошото место во тој момент. Одевме во патрола и гиневме од импровизирани бомби и снајперисти. Се запрашав: „Зошто сум тука?, Што правам?” – ја почнува својата приказна Најеф Хребид за „Си-ен-ен“.

Но, случајната средба со еден ирачки војник смени сè.

– Еден ден седев надвор и се појави тој. Имаше прекрасна црна коса и се смееше. Си помислив, „О, Боже, овој човек навистина е симпатичен“. Почувствував дека нешто убаво се случи во ова толку лошо место – раскажува Хребид.

Тој криел дека е геј, односно никогаш никому не кажал за својата сексуална ориентација бидејќи хомосексуалноста е табу во Ирак, а геј лицата често се мета на насилство.

– Во Ирак на хомосексуалноста се гледа како на нешто погрешно и претставува голем срам за семејството. Може да ве убијат поради тоа, па мора да се биде многу внимателен – вели Хребид.

Тоа што Хребид во тој момент не го знаел и не би свесен, дека и Бто Алами го почувствувал истото.

– Имав чудно чувство дека тој е човекот кого го барам, а со текот на времето моите чувства се зголемија. Знаев дека морам да зборувам со него – вели Алами.

Се сретнале кога заедно биле во мисијата за ослободување болница која ја зазеле бунтовниците во градот. Еден ден, откако се вратиле од патрола, Алами го повикал Хребид да вечера со него и со останатите војници. Три дена подоцна, Хребид и Алами измислиле причина за заедно да излезат надвор и да поразговараат на само. Седеле во мракот, на паркинг полн со американски хамери.

– Почувствував дека сме многу блиски и дека е време нешто да се каже. Му кажав како се чувствувам и дека го сакам. Тој ме бакна и си замина. Тоа беше прекрасна вечер – раскажува Алами.

Нивната врска полека се развивала и почнале се повеќе време да минуваат заедно.

– Се трудев секогаш да бидам со него, дури и кога требаше да се оди со Американците. Одевме заедно и се сликавме – вели Хребид.

Набрзо и ирачките и американските колеги ја забележале нивната блискост.

– Му признав сè на мојот американски командант и тој ми помогна да го донесам Бто во кај мене во камп за да преспие неколку ноќи. Некои војници престана да зборуваат со мене кога дознаа дека сум геј. Еден од преведувачите, кој беше од мојот роден град, ме удри со стап толку силно што ми ја скрши раката – вели Хребид.

Во 2007 година и двајцата се префрлени на југот на Ирак. Имале среќа да бидат во ист град, но и понатаму морале да ја кријат својата врска. Две години подоцна, Хребид побарал азил во Америка. Верувал дека кога ќе замине, на неговиот партнер ќе му биде полесно подоцна да дојде.

– Знаев дека немаме иднина ако останеме во Ирак. Ќе моравме да се ожениме и цел живот да се криеме – вели Хребид.

Во меѓувреме, семејството на Алами открило дека тој е геј, па почнале да му вршат притисок да се жени. Со помош на пријател, успеал да побегне во Бејрут.

– Тоа не беше лесна одлука. Имав договор со армијата за 25 години. Притоа, јас бев единствениот во семејството кој работи. Но, знаев дека мораме да бидеме заедно – рече Aлами.

Сепак, заминувањето од Бејрут во Америка не беше лесно. Во еден момент во Бејрут морал да живее како бегалец, па тогаш врската ја одржувале преку „скајп“.

– Но, чекањето беше тешко. Имав чувство дека јас сум заглавен и дека не мрдам напред. Секој ден разговаравме преку „скајп“, наутро додека појавувавме и навечер пред легнување. Како да живеевме заедно – вели Алами.

Повторно, неговиот пријател му помогнал да замине за Канада, каде Хребид го чекал.

Двојката се венчала во Канада за Денот на вљубените 2014 година. Потоа Алами поднел барање за американско државјанство и неколку месеци подоцна претставниците на американската амбасада во Монтреал го викнале на интервју. Тоа траело само десет минути, а по неколку прашања, Алами добил виза.

– Ја ставив раката на уста за да не вреснам. Кога излеговме се тресев од возбуда. Не можев да верувам што се случува и дека конечно ќе бидеме заедно – раскажува Алами.

Бидејќи за венчавката не правеле прослава, одлучиле да направат уште една свадба, баш онаква за каква што сонувале. Повторно го кажаа судбоносното „да“ на церемонијата во Вашингтон.

Денеска живеат во заедно во Сиетл. Хребид, кој сега работи како дизајнер на ентериер, доби државјанство, а неговиот сопруг следната година треба да стане државјанин на САД.

Нивната приказна е пренесена и на филмското платно, а тие денеска велат дека го живеат сонот.

– Не мора да се криеме. Сега можеме на улица да се држиме за рака. Бевме безнадежни, но сега сме семејство. Го живееме својот сон. Слободни сме – вели Алами.