„Преспав“ ги разобличува стереотипите: Геј-бакнежот е покажување љубов и е позитивна емоција

После долго време на македонската телевизиска програма се појави домашно произведена серија, која успеа да ги освои срцата на многумина. Серијата „Преспав“, преку семејната приказна на браќата Бузалевски и останатите ликови, на хумористичен начин го прикажува судирот на балканскиот менталитет и желбата да се почитуваат и да се воспостават европските стандарди. За успехот на „Преспав“ разговаравме со Елеонора Венинова, која е една од режисерите и сценаристите на серијата, која за кратко време стана вистински хит.

  • И претходно се правеа серии, но се чини ниту една од нив не успеа за толку кратко време да стане хит како „Преспав“. На што се должи успехот?

Уште од првиот состанок во продукцијата ОХО, се согласивме дека ќе направиме нешто ново и поинакво од она што се прикажува на нашите телевизии. Процесот низ кој минавме беше макотрпен затоа што требаше да пробиеме пат кој претходно никој од нас го нема изодено. Почнувајќи од процесот на развивање на ликови и пишување на сценарија па до самото снимање, си поставивме одредени стандарди за работа. Таа тимска работа, ентузијазам и посветеност се гледа и во самата серија и е една од причините за успехот. Секако дека серијата има и недостатоци и многу аспекти кои може да се подобрат, но се стремиме да го кренеме нивото на втората сезона. И за нас, креативците во тимот, но и за продукцијата ОХО ова беше еден процес на учење.

  • Велат дека успехот на една хумористична серија лежи во доброто познавање и играње со стереотипните ликови и ситуациите во опшстетвото. Колку „Преспав“ ја користи овој познат рецепт ?

Генерално, комедијата како жанр е заснована токму на овој принцип на пишување. Ова особено важи за ситкомот како формат и ние го создадовме „Преспав“ токму според овој „рецепт“. Секако овој не е и единствениот начин да се креира хумористична ситуација. Често во сериите тоа се прави и преку хиперболизирање на одредени карактеристики на ликовите до степен што тие карактеристики го дефинираат нивниот однос кон реалноста. Нашите ликови се многу стереотипни затоа што низ тие стеротипи ние сакаме да го искритикуваме нашето општество и да се исмееме самите себе. Истовремено, секој лик има некоја карактеристика која е нагласена, како на пример, будизмот кај Марио, опседнатоста со гробни места кај Ула, следењето на прописите од страна на Тони итн., кои пак се одлична подлога за создавање конфликт меѓу нив.

  • При градењето на ликовите, колку вие и актерите користите лични искуства или моменти од сопствениот живот?

Мислам дека сите користиме многу од личните искуства. Неколку епизоди се засновани на ситуации или искуства низ кој минал некој член на екипата. Во некои ликови со колегата Сашо Кокаланов додадовме многу аспекти кои нам ни се интересни и се своевидна интерна шега (опседнатоста со смртта и гробишта, како еден пример). Верувам дека и глумците во оформувањето на ликот додаваат многу од сопствените искуства затоа што така се градат и најубедливи ликови.

  • Тоа што веројатно ја прави уникатна „Преспав“ е тоа што таа е прва која го проби мразот и за прв пат во македонска продукција е прикажан геј пар. Од каде дојде идејата и зошто баш геј двојка, а не да речеме лезбијска?

Уште кога ги оформувавме основните ликови, одлучивме дека ќе третираме семејство кое по многу нешта навидум е традиционално, но истовремено неговите членови се карактерно тотално различни. Секој од тројцата браќа претставува еден сегмент од нашето општество, патријархот – глава на семејство (Миле), либералниот и прогресивен Тони и неопределениот/неутрален Коста. Ула како „странски елемент“ би требало да биде некој објективен посматрач на работите и гласот на разумот, иако и таа полека го губи умот во оваа нефункционална средина. Бидејќи сакавме семејството да ја долови различноста во нашето општество, логично ни се виде едниот брат да биде геј. Подоцна во развојот на приказната дојде и Марио и ги споивме во пар. Така што геј двојката некако природно се создаде откако ги поставивме основните односи меѓу ликовите.

  • Во последната епизода Тони и Марио за малку ќе се бакнеа, а тоа ја откри нивната тајна врска. Сепак, мал дел од публиката на социјалните мрежи негодуваше дека било несоодветно имајќи предвид дека ја гледаат и деца. Кој е ставот на продукцијата за ваквите коментари?

Мислам дека содржината на сите епизоди е соодветна за деца затоа што во нив нема насилство, секс или елементи кои би можеле да се протолкуваат како штетни за психолошкиот развој на децата. Бакнувањето на геј двојка, иако е можеби неконвенционално за една македонска ТВ серија, е во функција на покажување љубов, а љубовта е позитивна емоција. Впрочем, ако се стремиме да градиме општество во кое ќе владее толеранција и почитување на правата на сите групи и малцинства, треба да почнеме да ги прифаќаме различностите и отворено да зборуваме за нив.

  • Првата сезона заврши, а гледачите со нетрпение ја очекуваат втората сезона. Ќе се бакнат ли конечно Тони и Марио или пак нивната приказна ќе тргне во поинаков правец?

Како и секоја врска, и нивната ќе мора да мине низ премрежја и осцилации, но дали ќе има среќен крај ќе видиме на крајот на сезоната.

  • Колку епизоди ќе биде втората сезона?

Бидејќи сме уште рано во подготовките за втората сезона, немам точен одговор на оваа прашање.

  • Останува истата актерска екипа или можеби се очекуваат некакви промени, заминување на стари, појава на нови ликови?

Мислам дека никој од ликовите нема срце да си замине од „Преспав“, иако Јелена неколку пати проба во првата сезона. Но, ете, никако да дојде тој понеделник кога ќе и успее да даде отказ.

  • Ќе се обиде ли „Преспав“, да ги освои и останатите Балкански земји? 

Мислам дека можеме, а дали ќе ни успее останува да видиме.