Трамп нема да ги укине указите на Обама за заштита на работните права на ЛГБТ-заедницата

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе продолжи да ги спроведува указите за заштита на права на ЛГБТ-заедницата на работното место кои ги донесе претходниот претседател Барак Обама, соопшти Белата куќа.

„Претседателот Доналд Џ. Трамп е одлучен да ги заштити правата на сите Американци, вклучувајќи ја и ЛГБТ-заедницата. Претседателот Трамп продолжува да ги почитува и да ги поддржува ЛГБТ-правата, исто како што тоа го правеше за време на изборите“, соопшти Белата куќа.

Во соопштението кое е објавено на официјалната страница на Белата куќа се наведува дека претседателот Трамп е горд што тој е првиот номиниран од Републиканската партија, кој ја спомнал ЛГБТ-заедницата во својот говор за прифаќањето на номинацијата, заложувајќи се за заштита на заедницата од насилство и од опресија.

„Указот кој е потпишан во 2014 година, кој ги штити вработените ЛГБТ-лица од дискриминација на работното место, додека работат за федерални изведувачи, ќе остане непроменет по наредба на претседателот Доналд Џ. Трамп“, се истакнува во соопштението од Белата куќа.