Бугарско тв-шоу покрена хајка против геј-лица и геј-свештеници

Бугарско телевизиско шоу минатата недела во четвртокот емитуваше тајно снимен сексуален акт на црковен свештеник од Бугарската православна црква со друг маж, На снимката, свештеникот орално задоволува маж, кого го запознал на интернет. Снимката ја направил и да доставил за објавување лицето кое било задоволувано.

Идентитетот на свештеникот, спротивно на законските регулативи и професионалните новинарски стандарди е јавно обелоденет. Фотографии од свештеникот и неговото име неколку пати биле прикажани за време на емисијата, а како позадина одело снимено смеење. Покрај „хумористичната“ страна дека е фатен на дело, авторите и водителите на шоуто истакнале дека на геј лицата не им е местото во црквата и затоа треба да бидат откриени и јавно разоткриени.

Ова не е прв пат шоуто да ги прекрши новинарските стандарди и етики, туку и човековите права. Во 2013 година во шоуто беше објавена „скајп“ конверзација на намерно неидентификуван маж и монах, во која свештеникот го прашуваат колку монаси во манастирот се геј. По емисијата, друг новинар, Мартин Карбовски организирал група ултранационалисти да отидат во манастирот и да ги заплашуваат и малтретираат монасите, заканувајќи им се дека ќе ги разоткријат доколку не го напуштат свештенството и манастирот. Монасите се размонашиле, а набрзо еден од нив, поради стресот доживеал инфаркт.

Радослав Стојанов и Стана Илиев, двајца бугарски ЛГБТ активисти велат дека е бесцелно случајот да се покрене пред Европскиот суд на правдата и додаваат сето тоа потсетува на хајката која ја воделе медиумите во Уганда, со објавување листи на геј лица, како и на случаите со руските ултранационалисти, кои намамувале геј лица, а потоа ги снимале додека ги омаловажувале и малтретирале. Активистите велат дека тоа што е направено и објавено на „Господари на ефира“ е срамно и не треба да се случува во една цивилизирана земја.

Во меѓувреме, активистите за ЛГБТ права, како и бугарското новинарско здружение го осудија ваквото однесување и покрена онлајн петиција со која се бара да се забрани вториот дел од емисијата, која треба да биде продолжение на истата тема. Досега петицијата е потпишана од неколку стотина лица.

„Ние, лицата кои ја потпишавме петицијата бараме шоуто „Господари на ефира“, кое во изминатите години емитува расистички, сексистички и хомофобни шеги на сметка на малцинствата, да се извини за епизодата која беше емитувана на 2 февруари. На 2 февруари го достигна дното со емитување на тајната видео снимка од сексуалниот акт на свештеник и друг маж. Идентитетот на свештеникот не е прикриен, за разлика од идентитетот на неговиот сексуален партнер. Бараме, ова одвратно понижување на геј лицата на националната телевизија, без разлика на тоа што се свештеници, да престане“, стои во петицијата и се наведува дека шоуто досега во повеќе наврати покажало дека не може да биде хумористично без притоа да не понижува и навредува други групи лица, особено малцинства.

Во петицијата се наведува дека телевизиското шоу не треба да се обидува да си го зголеми својот рејтинг на грбот на најранливите групи, кои го снима без нивно знаење и дозвола, со цел да го омаловажи на национална телевизија.