Најавен протест во Загреб поради нападот со солзавец извршен на ЛГБТ забава


„Љубовта е и ќе остане посилна од омразата“ е мотото на вечерашниот протестен собир кој го организира „Загреб Прајд“ на загрепскиот Плоштад на жртвите на фашизмот по повод нападот на ноќниот клуб „Супер Супер“, извршен во сабота, спроти недела.

Од „Загреб Прајд“ ги повикуваат сите ЛГБТ-лица и поддржувачи да го дигнат гласот против бруталниот и варварски напад на човечките животи и достоинството.

„Системска релативизација на говорот на омраза, власт која врти глава пред насилството кое се врши на јавен простор, штури генерички соопштенија во кои „остро се осудува секој облик на насилство“ и разни квази-политички маргиналци повикуваат на прогон на сите кои се сметаат за неподобни. Тоа е нашата сегашност. Време е да кажеме Доста!“, стои во прогласот на „Загреб Прајд“.

Од организацијата ги повикаа сите граѓани и граѓански на Хрватска да излезат на улица и да покажат дека нема да стојат мирно и да молчат пред уривањето на темелите на државата во име на патриотизмот и традицијата. Тие порачаа дека не треба да им се дозволи на екстремистите да ја киднапираат државата.

„Дојде време да бидеме бестрашни, уште побестрашни отколку што бевме во 2002 година кога исто така се обидоа да не замолчат со солзавец. Одбиваме да живееме во минатото. Одбиваме сегашноста да биде обележана со омраза и насилство“, стои во соопштението и се додава дека е на мирниот протест треба да се покаже дека е „доста од омразата, насилство фашизација и милитаризација на општеството“.

Во саботата, непознато лице фрли солзавец во клубот „Супер Супер“. Меѓу посетителите на ЛГБТ забавата настанала паника, а многу од нив ги искршиле прозорците на клубот со цел да дојдат до воздух. Некои од посетителите се повредени во стампедо кое настанало на излезот.

Бруталниот напад на забавата го судија сите релевантни политички партии во Хрватска.