Што значи да се биде трансродово лице – приказна раскажана од 12-годишно девојче

Пенелопи на овој свет не дошла сама, таа е родена како здраво момче заедно со нејзиниот идентичен брат близнак, но минатата година, на 11-годишна возраст, таа им соопштила на своите претпоставени и на нејзиното цело училиште дека е девојче.

Пенелопи изгледа како типично девојче кое сè уште не е влезено во пубертет, но кога зборува има некоја сериозност во нејзиниот глас. Кога ќе ја погледнете, никогаш нема да препознаете дека е родена како момче, а како и сите деца кои уште не се влезени во тинејџерските години, и таа е загрижена дали луѓето ќе ја осудуваат

– Јас сум само дете кое навистина сака да си го живее животот – вели таа.

Мајка и нa Пенелопи, Барбара вели дека само што Пенелопи научила да зборува, почнала да инсистира дека е девојче. Барбара вели дека на двегодишна возраст Пенелопи ставала шноли в коса, ставала пешкир на глава за да изгледа како да има долга коса и била опседната со накитот и облеката на мајка си.

– Ќе свиткаше пешкир на половина за да изгледа како здолниште – вели Барбара.

За Барбара, која има и едно постаро дете, сето ова било ново и непозната територија. Таа била загрижена за своето дете и за задевањето кое може да го има доколку Пенелопи продолжи да инсистира дека е девојче. Тие се договориле дека Пенелопи може да биде девојче дома, но во училиште мора да продолжи како момче.

На почеток изгледало како добро решение, но Барбара подоцна забележала дека Пенеполи за себе зборува во женски род, па дури и во автопортретите се црта себеси како девојче. Таа во својот дневник напишала: „мојата најголема тајна е тоа што јас навистина сум девојче од внатре“.

Пенелопи вели дека никогаш не се чувствувала удобно во нејзината двојна улога.

– Се чувствував заробено. Се чувствувам дека сум ставена во кутија од која не можам да излезам – вели Пенелопи.

Со помош на семејството, Пенелопи ја оставила косата да и порасне долга, ги дупнала ушите и полека го почнала процесот на транзиција на својот идентитет, но продолжила да го посетува училиштето, кое е едно од најстарите образовни институции во Мејн, како момче.

Дури во академијата „Бервик“ Пенелопи се почувствувала доволно безбедно за на целото училиште да им соопшти дека повеќе не е момче. Тоа го направила преку видео кое го објавила минатата пролет.

Пенелопи признава дека била нервозна.

– Само се надевав дека сите ќе ме прифатат – вели Пенелопи.

Барбара вели дека тој ден постојано се премислувала и била нервозна од помислата како ќе биде прифатена.

– Бев многу нервозна дента, постојано мислев што ако ова лошо помине – раскажува Барбара.

Сепак, и Барбара и Пенелопи биле изненадени и поддршката и емпатијата која ја добиле од учениците и од наставниците.

Ден Еберли е професор во академијата „Бервик“, а истовремено раководи и со училишната група алијанса, која претставува клуб за инклузивност за родова и сексуална разноликост.

Еберли вели дека насилството е помалку застапено во училиштата во кои има вакви алијанси. Ваквите клубови, како што вели, им помагаат на децата кои се мета на насилство само поради тоа што се родово или сексуално различни. Тие преку ваквите клубови знаат дека не се сами. Тој вели дека патешествието на Пенелопи го проби патот за останатите.

Директорот на училиштето, Грег Шнајдер вели дека Пенелопи е светлината која им помогнала да влезат во 21 век и да направат измени во училиштето. Минатата година во мај, сменета е политиката на училиштето и воведени се насоки за трансродови и за ученици со неконформирачки род. Воведени се нови правила за приватност, безбедност и обуки на кои се препорачува да се користат имиња и заменки според преференциите на учениците.