Стејт департмент: ЛГБТИ заедницата во Македонија остана длабоко маргинализирана

Уставот и законот во Македонија не забранува дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, ниту пак антидисриминацискиот закон заштитува од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација, стои во годишниот Извештај за човековите права во Македонија на американскиот Стејт департмент.

„ЛГБТИ заедницата во државата остана длабоко маргинализирана. Постои клима на генерално непријателство кон ЛГБТИ заедницата во мејнстрим медиумите, политичкиот естаблишмент и општеството, додека властите не успеваат да преземат мерки со кои ќе ги превенираат говорот на омраза и делата од омраза против ЛГБТИ поединци. Активистите кои ги подржуваат човековите права на ЛГБТИ луѓето пријавија дека се случиле повеќе инциденти поттикнати од социјални предрасуди. Говорот на омраза, физичкото вознемирување и други форми на насилство не наидоа на одговори од полицијата која требаше да ги гони и фати сторителите, како што и власта не успеа да ја осуди и да се бори против дискриминацијата на ЛГБТИ заедницата – се главните пречки, лоцирани од локалните НВО кои работат во областа на правата на ЛГБТИ луѓето. Според истражувањето кое во април го спроведе невладината организација „Субверзивен Фронт“, нивото на дискриминација која ја доживуваат младите ЛГБТИ лица е речиси двојно поголема во однос на дискриминацијата која ја доживуваат лицата кои не се ЛГБТИ“

Во извештајот се наведени и податоците од истражувањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка, според кои 75% од ЛГБТИ заедницата нема доверба во полицијата и нема доверба дека таа може да ги заштити правата на оваа заедница. Исто така, наведено е дека повеќе од 90% од ЛГБТИ луѓето тврдат дека државните институции не испорачуваат соодветни информации, кои може да помогнат во процесот на само-застапувањето, на барање помош за правна заштита и сигурност, како и за нивната физичка сигурност. Во извештајот се наведуваат и податоците од истражувањето на невладината организација Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, според кои канцеларијата на Јавното обвинителство не процесирало 90 отсто од случаите од злодела протов ЛГБТИ заедницата.

„Според НВО, постои недостиг на волја кај политичките партии да се справат со проблемот на насилство и дискриминација против членовите на ЛГБТИ заедницата. Владините претставници се типично отсутни од јавните дебати за ЛГБТИ прашања“, стои во документот.

Во извештајот се наведува дека минатата година е забележано извесно подобрување во однос на напорите на ЛГБТИ заедницата да го провлече вниманието кон ЛГБТИ прашања и за славење на разноликоста.

„Властите дозволиле одржување на настани посветени на Недела на гордоста, како и организирање собири за поддршка на ЛГБТИ правата, а организациите јавуваат дека имале подобра соработка со локалната администрација и со безбедносните власти. Исто така, на 14 декември ЛГБТИ центарот за поддршка потпиша меморандум за соработка со канцеларијата на Омбудсманот са споделување информации и заедничка работа за заштита на правата на ЛГБТИ лицата“, стои во извештајот.