Шведска ќе ги обесштети присилно стерилизираните транс лица

Шведската влада објави дека финансиски ќе ги обесштети транс лицата кои присилно биле стерилизирани при процесот на правно признавање на нивниот род. Шведските ЛГБТИ организации ја поздравија ваквата одлука, истакнувајќи дека тоа е поголема победа за транс заедницата во Шведска.

– Ова е прв пат една држава да признае дека присилната стерилизација на транс луѓето при постапките за правното признавање на родот е повреда на човековите права, но и финансиски да ги обесштети. ТГЕУ ја поздравува оваа одлука на шведската влада и ги повика владите на другите земји да го следат примерот – изјави извршната директорка на ТГЕУ, Јулија Ехрт.

– Не може да се поправат веќе повредените човекови права, но со признавање на повредата и со финансиското обесштетување на транс лицата, Шведска направи голем чекор кон исправување на неправдата – додава Улрика Вестерлунд, членка на извршниот одбор ТГЕУ.

Шведскиот министер за јавно здравје и спорт, Габриел Виксторм најави дека владата се согласила на секое присилно стерилизирано транс лице да му исплати по 23.600 евра. Овој надомест ќе биде достапен за сите кои присилно биле стерилизирани во периодот од 1972 до 2013 година.

Во април 2016 година, шведската владата, по притисокот на ЛГБТИК-организацијата РФСЛ, соопшти дека се согласила да исплати компензација. РФСЛ во 2013 година, кога се укина законската одредба за присилно стерилизирање на транс лицата, почна да работи на тужба, а при нејзиното изготвување собра сведоштва од повеќе од 160 насилно стерилизирани луѓе.