Градинка во Берлин ги отпиша децата на родителите кои протестираа затоа што не сакаа геј маж да им ги учи децата

Градинка во Германија одлучи да ги отпише децата на родителите кои протестираа поради тоа што во установата вработила геј учител.

Неименувана градинка во Берлин на почетокот на месецот вработила геј учител. Како што јавува германскиот телевизиски канал „Ер-те-ел“, сите освен едно дете во градинката доаѓаат од муслимански семејства.

За време на интервјуто за работа, мажот спомнал дека е геј, но тоа не претставувало проблем за идниот работодавец. Ниту децата, како што јавува весникот „Дер Тагесшпигел“ имале проблем со својот нов учител, напротив тие толку го засакале што се расправаат кој да го држи за рака кога шетаат.

Но, сексуалната ориентација била проблем за родителите, кои почнале да протестираат уште пред тој официјално да почне да работи. Веста за учителот ја дознале на родителска средба, кога директорката на градинката им соопштила дека вработиле маж за учител. Тоа само по себе веќе било проблем. Некои од родителите изјавиле дека „не сакаат маж да ги придружува нивните деца до тоалет“. Но, кога дознале дека учителот е геј, ситуацијата уште повеќе се влошила.

Некои од родителите се заканиле дека нема да ги праќаат своите деца во градинка се додека геј мажот работи таму. Тие исто така сакале да покренат петиција против директорката на градинката.

– За некои од нив хомосексуалниците автоматски се и педофили – изјавила анонимна учителка за „Тагесшпигел“.
Некои од семејствата доаѓаат од Русија, други од Романија, Турција или од арапските земји.

– Тие доаѓаат од сосема поинаков свет. Но. ние сме во Берлин и ова 21 век и не можеме да дозволиме такво однесување – изјави директорката на градинката, додавајќи дека тоа не е проблем кој го имаат само муслиманите.

Сепак, протестот на родителите дал сосема поинакви резултати. Наместо да вработат нова учителка, директорката ги избркала навредените родители. Нивните деца сега мора да посетуваат други градинки.

Градските власти и политичарите ја поддржаа директорката на градинката, а Сенатот на Берлин соопшти дека „дискриминацијата е неприфатлива“.

– Сакаме да го зголемиме бројот на машки учители во градинките затоа што тие имаат важна улога во животот на децата и во нивото одгледување и воспитување – вели сенаторката за семејни прашања Сандра Ширес.

Без разлика на протестот, повеќето родители застанаа во одбрана на новиот учител.

– Многу од родителите беа шокирани кога слушнаа за протестот. Тие се на моја страна, како и останатите учителки – вели новиот учител.

Сепак, тој открива дека чувствува притисок затоа што родителите постојано го набљудуваат како се однесува со децата и случајно да не ги допира несоодветно. Тој за „Тагесшпигел“ вели дека тоа е повеќе затоа што е маж, отколку поради тоа што е геј.

Истражувањето кое во 2015 година го спроведе „Квир Геманија“ покажа дека еден од пет испитаници се против геј маж да се грижи за нивното мало дете. Во однос на лезбијките, ваков став има еден од седум испитаници.