[Репортажа] „Gå for meg“ – Парадата на гордоста во Осло 2017

Осло Прајд е фестивал и културен настан за ЛГБТИ лицата и е најголемиот прајд фестивал во Норвешка. Целта на овој десетдневен фестивал е промовирање на различностите, каде што секој може да биде тоа што е. Како дел од фестивалот се одржуваат филмски проекции, концерти, уметнички изложби, политички дебати и многу други настани.

Осло Прајд оваа година се отвори на 23-ти јуни и траеше до 2-ри јули. Секој ден има различна програма и најразлични гости од сите држави низ светот. Како посебен гостин на прајдот можеме да ја издвоиме Саманта Фокс, поп кралицата на 80-тите години, која настапи во Прајд паркот на 29-ти јуни.

За време на нашата посета успеавме да оствариме важни средби со клучни личности. Од средбите можеме да ги издвоиме следниве:

  • Средба со Министерот за надворешни работи на Норвешка, Франк Баке-Јенсен, каде што се разговараше за предизвиците на ЛГБТИ организациите во европски контекст и кои се начините норвешката влада да помогне во нивно адресирање и структурно решавање;
  • Презентација на работата на програмата „Pink Competency“ од Норвешката федерација на ЛГБТИ организации – FRI како и на работатата на групата за кривични дела од омраза од полицијата во Осло
  • Прием кај градолначалничката на Осло, Мариане Борген, која што ја имаше честа да го подигне знамето со виножито пред градската општина во Осло и одржи пригоден говор за важноста од видливоста на проблемите и потребите на ЛГБТИ лицата во Норвешка и насекаде во светот;
  • Презентација на амандманот за правна промена на полот во Норвешка, од страна на Јохан Мирберг и Фредрик Лангеланд од норвешкото Министерство за здравство, како и целата правна процедура низ која треба да поминаат транс лицата во Норвешка со цел да ги променат ознаките за пол и нивниот единствен идентификациски број.

Во рамките на програмата на фестивалот, говор одржа и нашиот Антонио Михајлов кој ја истакна потребата од покажување на поголема поддршка и солидарност кон ЛГБТИ лицата и движењата од земји во светот кои не ги уживаат истите права и статус како оние во Норвешка.

Парадата на Гордоста што се одржа на 2-ри јули забележа голема посетеност со над 35.000 луѓе учесници во самата парада, како и дополнителни 215 000 луѓе во публиката. Мотото на годинешната парада беше „Gå for meg“ што значи „Оди за мене“, во знак на сите ЛГБТИ лица од Норвешка и од целиот свет што не можат слободно да живеат и творат.