Лавина реакции по повод забраната за транс* лица на Трамп да служат војска во САД

Минатата недела, претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ќе забрани транс* лицата да служат во американската војска. Тој ги наведе „медицинските трошоци и нарушувањата“ како главна причина за забраната.

Објавата ја направи на Твитер каде што напиша: „По консултации со моите генерали и воени експерти, ве советуваме дека Владата на САД нема да прифати или да дозволи трансродовите лица да служат во било каков капацитет во американската војска. Нашата војска мора да биде фокусирана на одлучна и огромна победа и не може да биде оптоварена со огромните медицински трошоци и нарушувања што ќе ги наметнат трансродовите лица во војската. Ви благодарам.“

По таа изјава, лавина реакции почнаа да пристигнуваат од сите страни. На само ден после објавата, во Њу Јорк и Сан Франциско се оддржаа протести со цел бојкотирање на забраната. Од стотици до илјадници луѓе се собраа пред центарот за регрутација на Тајмс Сквер каде што извикуваа „Протестираме“ и „Се спротивставуваме“ и се повикуваа на ветувањето дадено за време на претседателската кампања дека Трамп ќе се залага повеќе за ЛГБТИ прашањата отколку Хилари Клинтон.

Во осудување на одлуката се приклучија и познати политичари од САД, како што се сенаторот Џон МекКејн и поранешниот потпретседател Џо Бајден, кои бурно реагираа на нивните Твитер профили нарекувајќи ја одлуката „прерана“ и дека „секој што е способен има право да служи војска.“

 

На протестите се приклучија и познати јавни личности, како што се Елен Деџенерис, Џорџ Такеи, Миа Фероу и многу други.

Најсилната реакција произлезе од самите транс* лица кои веќе служат војска. Наредникот Логан Ајрланд изјави: „Би сакал да ги видам како ќе се обидат да ме исфрлат од мојата војска“. Тој додаде дека не ја очекувал оваа промена во политиката и дека никој не може да го негира неговото право за служење кога е целосно квалификуван и подготвен да го даде својот живот за својата земја.

Околу 12.000 транс* лица во моментов служат во американската војска. Покрај тоа, околу 134.400 транс* лица се воени ветерани или пензионери. До сега, приближно околу 150.000 транс* лица имаат служено во вооружените сили на САД или се во моментов на активна должност.