Стокхолм Прајд 2017

Оваа година на покана од Civil Rights Defenders двајца претставници од Субверзивен фронт имаа шанса да ја посетат Парадата на гордоста во Стокхолм.

За време на тридневниот престој се одржаа повеќе работилници, предавања, состаноци како и Парадата на Гордоста. Првиот ден активистите имаа предавање од Јоран Стантон, кој е дел од единицата на спречување злосторство и говор на омраза. Тој раскажа како неговата земја се справува со овој проблем и колку е тешко да се стигне до правда за лица кои се жртви на злосторство и говор на омраза. За време на посетата на паркот на гордоста активистите се сретнаа со Улф Петерсон, активист и артист.

Вториот ден активистите повикани од CRD (Civil Rights Defenders) исто така го поминаа со неколку средби со други активисти и политичари. Првата сесија беше одржана во канцеларијата на шведската федерација за ЛГБТИ права – RFSL. Таму се разговараше со неколку од вработините кои детално објаснија на кои теми работат моментално и каква е ситуацијата за ЛГБТИ луѓето во Шведска. Понатака нашата група го посети панелот со наслов “How has the Crackdown in Turkey impacted the LGBT community?” каде што се дискутираше за ситуацијата на ЛГБТИ луѓето во Турција. Следната сесија и за нас најважна беше посетата на Шведскиот Парламент, каде што се разговараше со двајца политичари, Никлас Викман од централно десничарската партија и Сара Карлсон од социјал демократите. Тие ни ги кажаа ставовите на нивните партии во однос на ЛГБТИ прашањата, како досега работеле на унапредување на тие права и што планираат да направат во иднина.

Третиот ден беше посветен на Парадата на гордоста. CRD имаше свој камион во парадата каде што сите активисти учествуваа. Парадата траеше околку 4 саати и се пешачеше околу 4.5 километри низ центарот на Стокхолм. Според статистики кажани на шведските вести околу 45 илјади луѓе маршираа на улиците и уште дупло повеќе луѓе стоеја од страна и ја гледаа парадата.