Врховниот суд во Германија им наложи на пратениците да го признаат “третиот пол”

Највисокиот суд во Германија во средата побара од парламентот законски да го препознае “третиот пол” од самото раѓање. Со тоа, Германија би можела да стане првата европска земја која ќе им понуди трета можност на интерполовите луѓе кои не се идентификуваат како машко или женско.

Во овој момент, законските регулативи за граѓанскиот статус на луѓето се дискриминаторски за интерполовите луѓе, изјави Сојузниот уставен суд (Bundesverfassungsgericht), истакнувајќи дека родовиот идентитет на поединецот е заштитен како основно човеково право.

Законодавците мора до крајот на 2018 година да усвојат нова регулатива и да понудат трета полова опција во регистерите за раѓање, додаде судот и пресуди во корист на интерполовото лице кое имаше поднесено жалба.

Во меѓувреме, судовите и државните власти повеќе не треба да ги принудуваат интерполовите луѓе да избираат помеѓу идентификување како мажи или жени, рече судот.

Активистичката група Трета опција беше радосна поради пресудата. “Ние сме целосно без зборови. Тоа е мала револуција во родовата област”, напишаа во еден твит.

 

Според сегашните правила, Германија им овозможува на бебињата родени со карактеристики на двата пола да ги остават родовите опции на машки и женски празни. Законот има за цел да го отстрани притисокот врз родителите за брзо да донесат одлука за контроверзни операции за одредување на полот кај новороденчиња.

Берлин вети дека ќе продолжи со пресудата, со портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Јоханес Димрот, велејќи дека владата “е подготвена да ја спроведе”.