Извештај за дводневна обука во рамки на проект „Градење толеранција и разбирање за ЛГБТ луѓето во македонското општество”

Обука за социјлани работиници/чкиДатум на реализација: 30.3.2018 (обука за насоки за работа со сексуални малцинства во системот на социјална заштита) и 31.3.2018 (обука за обучувачи за работа со сексуални малцинства во системот на социјална заштита).

Овој петок, Субверзивен фронт во соработка со Здружението за социјални работници на Македонија организираше обуки наменети за социјалните работници/чки кои работат во центрите за социјална работа и/или во граѓанските организации за градење на вештини и знаења за нудење социјални услуги на ЛГБТ луѓе – баратели и корисници на социјална помош и нивните семејства во системот на социјална заштита. Концептот на обуките беше интерактивен и истиот е креиран според Моделот за унапредување на мултикултурна компетентност (знаења, вештини, ставови), при што обуката се состоеше од работилници, вежби и дискусии со активно учество на сите учесници. Првиот модул од обуките беше посветен на добивање основни знаења за ЛГБТ – идентитетите, терминологијата, потешкотиите со кои се соочуваат лицата од оваа ранлива група и нивните семејства, современите сознанија и специфичностите за ЛГБТ луѓето и нивните семејства кои се важни за секојдневната работа на социјалните работници/чки, како можноста за полесно препознавање и прилагодување на својата работа на потребите на ЛГБТ луѓето. Вториот модул беше посветен на запознавање со конкретни насоки за практична работа со ЛГБТ луѓето во областа на социјалната заштита и оспособување за трансфер на знаењата преку директно искуство како обучувачи/тренери на своите колеги од центрите за социјална работа. Обуките беа одржани во просториите на Даре Џамбаз и канцелариите на Субверзивен фронт, а истите беа водени од страна на Јелена Зулевиќ, психолог-психотерапевт со долгогодишно искуство како обучувачка со вработените од центрите за социјална работа во Србија. Целта на обуките беше да се усвојат и да се применат клучните современи сознанија за сексуалната ориентација и ЛГБ – идентитетот, како и функционирање на семејствата кои имаат ЛГБ – членови во нивните семејста; да се препознаат личните стереотипи и предрасуди во однос на ЛГБ луѓето и нивното влијание во реализација на стручната работа, обезбедување квалитетни социјални услуги за нив и нивните семејства; да се применат основните принципи на работа со ЛГБ луѓето кои се во согласност со современите стандарди за мултикултурна компетентна пракса во социјалната работа; да се препознаат факторите на ризик кај ЛГБ луѓето и да се применат соодветни механизми за намалување на ризиците и социјалната исклученост; и да се проценат потребите и состојбата на корисниците преку примена на интегративен пристап за идентификација и задоволување на потребите на оваа социјална група. Целта на вториот модул од обуките беше да се создаде подготвеност на социјалните работници/чки – учесници/чки на обуките за обучување на нивните колеги од центрите за социјална работа во Македонија.

Следните чекори кои произлегуваат од овие обуки се насочени кон организирање на обуки со вработените во центрите за социјална работа во повеќе градови во Македонија во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Здружението за социјални работници на Македонија, како и изработка на прирачник за социјални работници/чки за работа со ЛГБТ – баратели и корисници на социјална помош во системот на социјална заштита.