Интервју со Давид Тасевски: Првата Линија за советување на ЛГБТИ+ лица!

Која е причината за отворање на Линија за ЛГБТИ лица?

Во средина каде најголемиот број ЛГБТИ лица се затворени, го кријат својот идентитет, а истражувањата велат дека тоа им предизвикува сериозни потешкотии со менталното здравје, кое некогаш води до суицидни мисли, од исклучителна важност е отворањето на линијата, каде ЛГБТИ младите кои се во најголем ризик, но и сите останати ЛГБТИ лица, можат да се обратат за помош во ситуации кои се предизвикувачки или тешки за нив.

 

 

Која е главната цел на линијата?

Целта на линијата е да се обезбеди сигурна атмосфера која е анонимна и доверлива, а лицата кои се јавуваат можат да разговараат за различни предизвици и грижи, вклучувајќи ја сексуалната ориентација и родовиот идентитет, грижи поврзани со интимни врски, релации со семејните членови, семејно насилство, булинг, прашања поврзани со аутирањето, проблеми во работна средина, прашања поврзани со безбеден секс, потешкотии со менталното здравје (чувство на вознемиреност, тага, негативни мисли), и се она што сметаат дека е за нив важно во моментот.

Кои се лицата кои работат на линијата?

На линијата работат искусни психолози, социјални работници, кои претходно поминаа обука за оператори на линија, специфицирано за давање поддршка и помош на ЛГБТИ лица. Ова се колеги кои имаат искуство во советување и психотерапија, како и работа со заедницата. Среќен сум што успеавме да создадеме тим кој има искуство и е посветен на работата, со цел да обезбеди квалитетна услуга.

Постои ли поголем ризик од насилство или влошување на менталното здравје кај ЛГБТИ лицата, поради потиснување од страна на средината?

Сите светски, но и домашни истражувања, зборуваат за двојно поголем процент на булинг кон ЛГБТИ младите во училиштата, помала врсничка и семејна поддршка, насилство во домот кое го трпат, кое пак резултира со двојно пријавени психосоматски тегоби, депресивно расположение и суицидни мисли. Истражувањата ни даваат загрижувачка слика, која ни покажува дека ЛГБТИ лицата жртви на семејно насилство и насилство надвор од домот, поради недоверба во институциите, страв од виктимизирање и дискриминација во институциите каде би побарале помош, најчесто не го пријавуваат насилството.

Која е идејата со оние лица кои ќе пријават дека се вознемирувани или трпат насилство, што понатаму?

На линијата, ЛГБТИ лицата, освен што ќе имаат можност за едноставен разговор, поддршка и сослушување, идејата е и да се препраќаат во соодветни институции или наши партнерски организации, доколку забележиме дека има потреба за тоа. Нудиме бесплатни услуги на правна помош, психолошко советување и психотерапија. Соработуваме и со организации кои нудат правна помош, но и со организации и институти за ментално здравје. Исто така, од социјалните работнички на линијата, можат да добијат информации од областа на социјална заштита.

Која е следната цел после линијата?

Со оглед на тоа дека сум психолог, и главен фокус ми е менталното здравје, токму поради тоа, работиме на идејата да го отвориме и првото советувалиште за ЛГБТИ лица. Да не заборавиме дека иако ЛГБТИ лицата се под најголем ризик за проблеми со менталното здравје поради притисокот од средината, за жал, се уште не можеме да се пофалиме со сервис во кој главната услуга ќе биде психотерапија и советување. Вакви советувалишта имаме отворени за други целни групи, но не и за ЛГБТИ лицата.

 

Давид Тасевски е координатор на Линијата, психолог, семеен и системски советник. Може да го контактирате за повеќе прашања на dtasevski@s-front.org.mk