Како транс лицата да стигнат до потребната хормонска терапија? (чекори)

Досегашните истражувања покажуваат дека ЛГБТИ младите, почесто страдаат од проблеми со менталното здравје, психосоматски тегоби и ризични однесувања, поради почестата изложеност на разни форми на вербално, физичко и сексуално насилство, во споредба со хетеросексуалните млади.

Трансродовите млади се соочуваат со уште посложени предизвици. Квалитативна студија која истражува три главни теми од нивниот живот, како родовиот идентитет и изразување, сексуалноста и сексуалната ориентација, и здравствените теми, ни открива дека кај повеќето трансродови млади чувството дека не му припаѓаат на биолошкиот пол, се јавува од најрани години, кај некои и пред пубертетот; дека живеат изложени на постојани негативни реакции на нивното нетипично родово однесување; како и дека чувствуваат конфузија помеѓу својот родов идентитет и сексуалната ориентација. Во врска со ранливоста, и здравствените проблеми, овие млади издвоиле четири најголеми тешкотии: отсуство на безбедна средина, лош пристап до здравствените услуги, несоодветна професионална поддршка во адресирање на нивните здравствени проблеми и проблеми со менталното здравје, и недостиг од континуитет во грижата од страна на нивните семејства и заедницата.

Во и онака тешките општествени услови, младите трансродови лица често се заплеткуваат во лавиринтите на нашиот систем, кога тргнуваат по патот да стигнат до потребната хормонска терапија, што за нив претставува уште една потешкотија. Најчесто поставувани прашања од младите трансродови лица се „кој е првиот контакт во процесот?“, „каде сега да се обратам?“, „кој е следниот чекор?“, итн.

За да го олесниме и онака тешкиот пат низ кој поминуваат овие лица, решивме да ги опишеме чекорите, каде се обраќа едно транродово лице за да стигне до потребната терапија.

Трансродовото лице кое се чувствува подготвено да го отпочне процесот на транзиција, потребно е да најде медицински тим, односно психијатар, психолог, матичен лекар и ендокринолог кои се сензибилизирани да работат со трансродови лица.

Прво, лицето се обраќа на психијатар и психолог, каде после неколку средби (бројот на средби зависи од индивидуалната проценка на психијатарот и од резултатите од зададените тестови на психологот), лицето добива „наод и мислење“.

Со добиениот „наод и мислење“, лицето се обраќа кај матичен лекар. Доколку немате веќе избран матичен лекар, за избор на истиот е потребно да достави лична карта и здравствена легитимација кај посакуваниот лекар. Откако процедурата со избор на матичен лекар е готова (најчесто 24 часа после пријавувањето кај новиот матичен, веќе сте внесени во системот и може да ги добиете потребните здравствени услуги), доколку сте трансродова жена, ви дава упат за на интернист, па тој ве упатува кај ендокринолог, а доколку сте трансродов маж, ви дава упат и за ендокринолог и дополнително одите на гинеколошки преглед.

Ендокринологот ве праќа да направите крвна слика, генетска анализа и хормонален статус. По добиените резултати, тој ви дава извештај и ви ја одредува терапијата.

Со добиениот извештај од ендокринологот, се враќате кај матичниот лекар, за да може да ви ја препише потребната терапија.

По потреба закажувате нови контроли, и се консултирате со вашиот матичен лекар.

Наша препорака за сензибилизирани психијатри, психолози и матични лекари за работа со трансродови лица, и можат да помогнат во процесот со издавање на потребните документи се:

  • Ординација „Ципуш“ – 02/3075704
  • Д-р Славица Кнежевиќ Гајдаѕис – психијатар, психотерапевт

Центар за семејно здравје Хелио медика – 02/2455884 075432118

  • Проф. Д-р Марија Ралева, психијатар
  • Д-р Камка Пакетчиева, психијатар
  • Вида Гаврилоска, психолог, психотерапевт

Институт Алтернатива – 02/2450671 076457566

Субверзивен фронт, исто така, нуди бесплатни психотерапевтски услуги доколку имате потреба од советување пред да започнете со процесот на транзиција, како и поддршка низ истиот. Сесиите ги работи член од тимот на здружението, но и други соработници.

  • Давид Тасевски, психолог, семеен и системски советник

e-mail: dtasevski@s-front.org.mk

Трансформа е заедница на трансродови лица која работи на остварување на правата на трансродовите лица и нивно достоинствено претставување, на кои исто така, можете да се обратите за совет и препраќање.

  • e-mail: tranformamk@gmail.com