Услуги на Скопски квир центар

Скопски квир центар ги нуди следните бесплатни услуги:

  1. Психолошко советување и психотерапија

  Психотерапија е третман заснован на разговор помеѓу психотерапевтот и клиентите, кој има цел да ја подобри благосостојбата и менталното здравје на една личност, да ги елиминира или контролира вознемирувачките симптоми, емоционалните тешкотии или растројствата. Психотерапевтот обезбедува поддржувачка средина, која му дозволува на клиентот да зборува отворено за причините поради кои смета дека има потреба од советување или психотерапија. Психотерапијата, на клиентот му помага да научи, на кој начин да одговори на предизвикувачките ситуации со здрави вештини за справување.

  1. Групна психотерапија

– Групната терапија е форма на психотерапија која вклучува еден или повеќе терапевти кои работат со неколку луѓе истовремено. Групната терапија, исто така, нуди безбедно прибежиште и овозможува поддршка и охрабрување од другите членови на групата. Луѓето кои учествуваат во групата можат да видат дека и другите членови минуваат низ истите предизвици и проблеми, кое им помага во поврзување и во пронаоѓање уникатно решение преку искуствата на другите. Набудувајќи како некој успешно се справува со проблем, другите членови на групата можат да видат дека има надеж за закрепнување, а напредокот може да послужи како пример и поддршка.

  1. Психосоцијална поддршка на терен

– Со оглед на ограничениот пристап до сервиси кои нудат социјални услуги за луѓето кои не живеат во Скопје и околината, се наметнува потребата од психосоцијална поддршка на терен, што подразбира тим од психолог и социјален работник, кој своите услуги ги нуди на целата територија на РСМ. Клиентите, овие услуги може да ги добијат со повик на телефонскиот број на центарот, а тие вклучуваат: психолошко советување, придружба до релевантни институции, помош при вадење на лични документи и помош при отворање и водење на случаи на насилство или дискриминација.

  1. Придружување од социјален работник

– Придружувањето на клиентите до релевантните институции, е со цел остварување на нивните права од социјална заштита, кои подразбираат права на парична помош и социјални услуги кои се обезбедуваат преку системот на социјална заштита; помош при остварување на правото на здравствена заштита и помош при вадење на лични документи. Под оваа услуга се подразбира и придружување при пријавување на случај на родово базирано и семејно насилство во надлежните институции како Центри за социјална работа и Полиција.

  1. Правна помош

– Во соработка со адвокати и правници ангажирани од Субверзивен фронт, Скопскиот квир центар нуди сеопфатни услуги на правно советување и информирање, правна помош, и застапување, за лезбејки, геј мажи, бисексуални, трансродови и интерполови луѓе. Областите на потесна специјалност на услугите на правна поддршка и советување се поврзани со: дискриминација врз основа на СОРИ, говор на омраза врз основа на СОРИ, кривични дела од омраза врз основа на СОРИ, барање на азил и привремена заштита поради прогон врз основа на СОРИ, родово-базирано насилство, и склучување истополови партнерства/бракови во странски земји.

6. Информирање и упатување 

– Под услугата упатување и информирање се подразбира: упатување на клиентите до релевантни институции, кои се надлежни за решавање на проблемот за кој се обраќаат кај нас и информирање на клиентите за нивните права и остварување на истите.

 

Доколку ви е потребна помош, контактирајте нѐ на 075 314 123, преку нашата Фејсбук страница, или мејл адресата poddrska@s-front.org.mk