Панел дискусија за состојбата и пристапот до права на ЛГБТИ+ Ромите

На 06.07.2021 се одржа панел дискусија за состојбата и пристапот до права на ЛГБТИ+ Ромите, настан поддржан од Civil Right Defenders и Шведскиот институт.

На панелот земаа учество Љатифе Шиковска – пратеничка во собранието на Р.С. Македонија, Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјална политика, Денис Арслановски – активист за правата на Ромите, и Николина Николовска – социјална работничка и советувачка на Националната линија за ЛГБТИ+ луѓе. Дискусијата ја водеше Давид Тасевски – психолог и извршен директор на Субверзивен фронт.

Панелот го отвори Давид Тасевски кој зборуваше за потребата од ваков настан, поради двојната маргинализираност на ЛГБТИ+ Ромите, кои се соочуваат со отфрлање од страна на ромската заедница доколку дознаат за нивната различна сексуална ориентација или родов идентитет, но и отфрлување од самата ЛГБТИ+ заедница, поради нивната ромска етничка припадност. Беше наведено истражување спроведено во Романија, кое зборува за омразата со која се соочуваат ЛГБТИ+ Ромите, од заедниците во кои припаѓаат.

Како прва говорничка беше претставена Љатифе Шиковска, која зборуваше за нејзината вклученост и дејствување од улогата на пратеничка, и учеството во Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ+ луѓето (ИППГ-ЛГБТИ).

Светлана Цветковска беше втората говорничка, која ги сподели оние активности кои се спроведуваат преку министерството за труд и социјална политика, а кои се значајни за ЛГБТИ+ луѓето. Меѓу другото, зборуваше и за спроведувањето на обуките за недискриминација и говор на омраза, кои Министерството за труд и социјална политика ги спроведува во соработка со Субверзивен фронт, а на кои, досега учествуваа околу 330 јавни и државни службеници.

Денис Арслановски се задржа на неговото лично искуство од работа на терен, и зборуваше за неприфатеноста на ЛГБТИ+ Ромите во рамки на нивните семејства, состојба, која најчесто завршува со формални бракови во кои ЛГБТИ+ луѓето влегуваат, формирајќи семејства за да ги заштитат нивните примарни семејства од „срамот“ во заедницата. Денис Арлановски нагласи дека овие луѓе подоцна водат двојни животи криејќи се од семејствата, кое се одразува негативно врз нивното ментално здравје.

На дискусијата, важен увид донесе Николина Николовска, која има работно искуство со ЛГБТИ+ Роми во областа на сексуално преносливи инфекции и ХИВ, искуство на Националната линија за ЛГБТИ+ луѓе, и искуство во работа со деца без родителска грижа, најчесто Роми. Таа зборуваше за ниската информираност на тема „машко здравје“ помеѓу ЛГБТИ+ Ромите, кои и не сакаат воопшто да се идентификуваат како дел од ЛГБТИ+ заедницата, дискриминацијата со која се соочуваат во институциите и поголемата доверба која ја имаат во сервисите отворени од невладините организации.

По затворањето на првиот дел, во времето предвидено за прашања од страна на слушателите на панелот, она кое се отвори како најзначајна тема, а беше упатено како прашање до Љатифе Шиковска, е за функционалноста на основното јавно обвинителство. Поради непостапувањето на обвинителството по предметите за говор на омраза и повици на насилство, пратеничката беше прашана, што би можеле да направат пратениците за да помогнат во менувањето на праксата на непостапување од страна на обвинителството во предмети каде ЛГБТИ+ луѓето се напаѓани.