Зошто „Да“ за родовите студии?

Исчезнувањето, суспендирањето, ставањето во мирување на родовите студии и нивната пренамена во семејни студии не смее да се набљудува како изолирана и случајна мерка што нè изненадува, нè зачудува или нè шокира. Овој настан во никој случај не можеме да го препишеме на случајност или пак одговорите да ги бараме во административните или слични бариери (како, на пример, недоволната заинтересираност на студентите за упис).

За мене, ваквиот поглед би бил игнорантски и аутистичен. Зарем некој би очекувал квалитетни родови студии на државен универзитет во држава во која автономијата на Универзитетот е загрозена, првиот студентски час две години по ред се одвива во црква, а истовремено премиерот говори за некакви си „женски права“ (несреќна изјава, нема што)? Понатаму, се води кампања против абортусот со која се маргинализираат жените; во законодавството, дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и на родовиот идентитет не постои; жената се третира како репродуктивна машина и да се биде „мајка“ е професија на чија основа ќе стекнете пензија.

Во меѓувреме, се палат и се каменуваат центрите и активистите за правата на ЛГБТИ и за тоа никој не одговара; парламентарци се советувани „да си ги држат задниците за ѕид“ како превенција од истополов сексуален акт; претседателот на Комисијата за антидискриминација зборува за разбеснети жени што не го почитуваат светиот авторитет на својот сопруг, па се разведуваат; Владата со медиумскиот монопол води отворена хомофобична кампања и многу други несреќни случајни инциденти чија цел е да ги унапредат здравството и благосостојбата на сите граѓани (еднакви можности, нели?). Родовите студии ги суспендирале?! Па, зарем немаше да ви биде чудно ако ова не го направеа порано или подоцна? Во држава во која матрицата на вредности се гради околу патријархален шовинизам и мизогинија, во која македонскиот идентитет се гради на исклучувачки основи и под него се подразбира бел, побогат, хетеросексуален, православен, мачо-христијанин – место за државни родови студии нема.

Сигурна сум дека и идејата за родови студии во никој случај не е перципирана на вистинскиот начин од страна на носителите на одлуки. Родовите студии не се студии за рамноправноста помеѓу мажите и жените, не се студии за родови квоти и за поголем број жени во војска и во полиција. Родот сам по себе не е женски и машки и не е детерминиран од половите органи; родот е спектар, начин на изразување, социјална културно детерминирана конструкција на чие изучување треба да го посветиме целиот професионален живот. Доколку феминизмот како критичка позиција на патријархатот, нормативизмот, хетеросексизмот и на капитализмот беше движечка сила на родовите студии, тие одамна ќе беа затворени.

Драгана Дрндаревска,
Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“

Извор: Излез