Хомо vs. хетеро парада

Правете си што сакате во вашите четири ѕида, не ве осудувам, не ми парадирајте!

Став кој навидум делува легитимен и дури и до некаде поддржувачки за ЛГБТИ заедницата, а кој е еднакво хомофобичен како „Болни сте, треба да умрете!“ .

Да тргнам од тоа дека нечија сексуалност (без разлика дали е хетеро или хомосексуална) не е приватна, интимна карактеристика која сите си ја кријат или можат да ја сокријат во спалните соби. Потсетување дека сексуалноста не е исто што и сексот, туку комплексна карактеристика која можеме да ја дефинираме вака:

Сексуалноста е централен аспект од бидувањето човек за време на животниот век и ги вклучува полот, родовите идентитети и улоги, сексуалната ориентација, еротизмот, задоволството, интимноста и репродукцијата. Сексуалноста се искусува и се изразува преку мисли, фантазии, желби, верувања, ставови, вредности, поведенија, практики, улоги и врски. Иако сексуалноста може да ги вклучи сите овие димензии, сите од нив не секогаш ќе се искусуваат или пак изразуваат. Врз сексуалноста влијае интеракцијата на биолошки, психолошки, општествени, економски, политички, културни, етички, правни, историски, религиозни и духовни фактори.*

Оттаму следува дека вашата сексуалност не ја практикувате само во спалната соба со партнерот/ката/ите/ките туку и преку секојдневната комуникација или, просто, со вашето постоење во средината.

Размислете само какви слики за сексуалноста ви се претставуваат уште од детството, без разлика дали станува збор за буквар, сликовница, филм, емисија или за реклама. Сите лекции за семејството, реклами за производи, раскази и сл. вклучуваат мајка и татко, дечко и девојка итн. Размислете како се прославува бракот. Кај бракот не само што имаме јавно славење, свирење со коли, вртење оро пред згради и сл., преку што се искажува, промовира и „се боде во очи“ со хетеросексуалноста на еден маж и на една жена, туку и имаме и правно дефинирање и признавање на хетеросексуалноста на еден маж и една жена. Бракот освен јавна манифестација на нечија хетеросексуалност е и државна, законски дефинирана, признаена и поттикната хетеросексуална заедница (од честитање и радост од најблиските до субвенции за трето дете, кредити за станови за брачни двојки, # литри вино од градоначалникот за прославата). Поедноставни примери за јавно манифестирање на сексуалност е на пример држење за рака на улица или носење веренички прстен. Едноставно сексуалноста е претставена и употребувана насекаде во јавниот простор. Во овој момент во Македонија тоа е хетеросексуалноста како единствено прифатена и посакувана. Со други зборови секојдневно сме изложени на хетеросексуална парада, и тоа „спонтана“, па дури и организирана.

Во Македонија имавме дури и организирано парадирање со сексуалност „Маршот на количките“ и никој на тие луѓе не им кажа „супер, среќна сум за вас, ве поддржувам, ама дај ве молам не ми бодете очи со вашата хетеросексуалност“. Иако не би ги споредувала ваквите бесцелни лакрдии по скопските улици со јавните битки за човековите права на ЛГБТИ заедницата од причина што начинот на нивно организирање е сомнителен, и секако нема поента да парадираш со нешто што е прифатено како доминатна матрица и на ниту еден начин не е загрозено. Барем да беа излезени со барања од типот: поголем детски додаток, бесплатна количка за секое новороденче и сл.

Бесмислено е да протестира мнозинство, кое во случајот се хетеросексуалните лица. Протестираат лицата или групите чии права во едно општество не се почитуваат, лицата кои се дискриминирани и жртви на насилство само поради некоја своја карактеристика, во случајот „поинаквата“ сексуална ориентација. А доколку сметате дека ЛГБТИ заедницата не е дискриминирана, ве повикувам да ги прочитате извештаите на ЛГБТИ организациите.

Вербални и физички напади на ЛГБТИ лица, каменување на домот на активист, обиди за палење и каменување на ЛГБТИ Центарот за поддршка, говор на омраза и повикување на насилство врз ЛГБТИ лица од страна на Миленко Неделковски, кој за жал е креатор на јавното мислење, хомофобична кампања во дневниот весник „Вечер“, непостапување на институциите на системот по овие кривични дела – ако сето ова не е причина за протест, можеби треба да почекаме да се случат убиства на геј лица, за да излеземе на улица и да „парадираме“ со својата сексуалност. Со овие дејства е загрозено основното право на група луѓе, правото на живот (понатаму правото на слобода и безбедност, слобода на собирање и здружување, забраната за дискриминација, листа која секако продолжува и во втората генерација човекови права).

За да се избори една заедница за еднаков третман и уживање на своите права, нужно е таа заедница да е видлива, и носителите на одлуки и општата јавност да знаат дека постои. Ако не знаат дека постоите, невидливи сте и ако јавно не ги изразувате своите политички барања и потреби, остварувањето на вашите права е невозможно. Зарем законодавачот ќе го промени Законот за спречување и заштита од дискриминација, доколку смета дека не постои ЛГБТИ заедница и доколку таа не побара промени или, пак, ако тој смета дека таа заедница не е бројна (бидејќи, нели, тоа се гласови).

На ист начин како што низ годините протестирале жените за правото на глас, работниците за трите осмици, етничките малцинства за правото да бидат вклучени во донесувањето одлуки итн., денес имаме доволно политички артикулирана ЛГБТИ заедница да се бори за своите права на различни фронтови.

Единствено што можете е да се помирите дека ЛГБТИ заедницата постоела, постои и ќе постои и уште повеќе ќе ја гледате во јавниот простор и на „малите екрани“.

Драгана Дрндаревска
Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“

Извор: Излез

—————————————–
* РЕЧНИК на термини поврзани со сексуална работа и ЛГБТ. – Скопје Опции за здрав живот – ХОПС, 2008. §23.