Тајван станува прва азиска земја која го признава истополовиот брак


Уставниот суд на Тајван вчера ги одобри истополовите бракови, со што островот стана прва земја во Азија која го има направено тоа

Судот вчера заклучи дека важечкиот закон, кој не дозволува склучување истополови бракови, крши два члена од Уставот на Република Кина, официјалниот назив на Тајван.

Во судската одлука се наведува дека властите мораат или да донесат нов или да го изменат сегашниот закон во рок од две години, а ако тоа не го направат истополовите двојки ќе можат да го официјализираат својот брак со едноставно доставување документи.

„Одлуката за одобрување на геј браковите ќе придонесе за општествена стабилност и заштита на човековото достоинство“, стои во соопштението.

И владејачката и главната опозициска партија ја поддржуваат легализацијата на истополовите бракови, како и поголемиот дел од јавноста и претседателката Цаи Инг-вен.

Стотици приврзаници на истополовите бракови се собраа пред парламентот во центарот на Тајпеј и со извици на воодушевување и солзи радосници ја дочекаа веста за судската одлука според која досегашната законска пракса ги крши уставно загарантираната слобода на брак и еднаквост.