Дискриминација на транс лицата во армијата на САД – можат да дипломираат на воените академии, но не и да служат

Трансродовите кадети во војската на САД може да дипломираат, но не и да служат во армијата.

Два трансродови кадета од воздухопловните сили и од воената академија добиле известување дека ќе им дозволат да ги полагаат тестовите, но нема да им дозволат да се приклучат кон воените сили.

Двете лица, чиј идентитет не се открива, соопштија дека по завршувањето на студиите ќе останат невработени.

Одлуката да не им се дозволи на дипломираните транс воени лица да стапат на служба е последица на тоа што сè уште не се донесени законските измени со кои на транс лицата ќе им се дозволи да станат дел од армијата.

Пентагон вети дека ќе ги измени законските регулативи и ќе дозволи транс лицата да бидат дел од воените сили откако поранешниот американски секретар за одбрана Еш Картер ја укина забраната. Иако забраната требаше да им овозможи на транс лицата во војската да не мора да ја кријат својот родов идентитет, сепак регулативата која ќе овозможи транс лицата да бидат дел од војската сè уште не е креирана.

Портпаролот на Академијата за воздухопловни сили, потполковник Ален Херитеџ вели дека на транс кадетот од неговата академија нема да му се дозволи да биде дел од војската иако тој „има одлични препораки“.

– Во моментов имаме кадет кој се идентификува како трансродово лице. Кадетот може да дипломира, но според сегашната политика на Министерството за одбрана, овој кадет нема да може да стане дел од воздухопловните сили. Сепак, ние силно го препорачуваме ова лице за цивилна служба на воздухопловните сили, како опција за да служи по завршувањето на академијата – вели потполковникот Херитеџ.

Синтија Смит, портпаролка на Армијата потврди дека и тие имаат транс кадет кој треба да дипломира.

– Можеме да потврдиме дека воената академија има кадет кој се идентификува како трансродово лице, но според сегашната политика на Министерството за одбрана, кадетот по дипломирањето нема да може да стане дел од професионалната војска- рече Смит.

Кога Картер ја отстрани забраната, остави препорака како да се креира новата политика. Сепак, препораките беа создадени за време на администрацијата на Обама.

Откако Џејмс Матис е назначен за нов државен секретар за одбрана нема потпишано никаква иницијатива за спроведување на препораките.

Сепак, се претпоставува дека транс лицата ќе може да служат во војската откако Министерството за одбрана и Пентагон ќе потпишат меморандум со кој ќе се овозможи транс лицата да бидат дел од безбедносните сили.