Повеќе од 100 ЛГБТ-луѓе измачувани во Азербејџан

Активисти за граѓански права известуваат за брутални напади врз ЛГБТ-луѓе во Азербејџан, како што се тепања, понижувања и апсења од страна на властите.

Полицијата во Баку тврди дека тоа е дел од кампањата за борба против проституција, но според извештаите на Civil Rights Defenders, во изминатите неколку дена најмалку 100 геј мажи и транс жени биле уапсени на најразлични локации.

Властите инсистираат дека полицијата едноставно одговарала на поплаки за сексуалните работници и продажбата на дрога во тие локации.

„Во нашата држава, припадниците на сексуалните малцинства никогаш не биле прогонувани“ изјави претставник на Министерството за внатрешни работи. Тој додаде и дека „сепак, тоа не значи дека не подлежат на одговорност за нелегални дела. Полицијата мораше да преземе мерки во врска со фактот дека, неодамна луѓето од нетрадиционална сексуална ориентација ангажирани во проституција редовно се собираат во одредени места во центарот на градот и го нарушуваат јавниот ред.“

Хомосексуалноста е легална во Азербејџан од 2001 година, но има докази за бројни злосторства од омраза извршени врз хомосексуалците и транс луѓето.