Судот на ЕУ ги отфрли „геј тестовите“ за бегалците во Унгарија

Највисокиот суд на ЕУ пресуди дека психолошките тестови за одредување на сексуалноста во Унгарија се нелегални за барателите на азил кои доаѓаат од земји каде што хомосексуалноста е забранета. Пресудата вклучуваше човек од Нигерија кој беше подложен на тестови од страна на унгарските власти, за кои судот соопшти дека непотребно се вмешале во неговиот приватен живот.

„Барателот на азил не смее да биде подложен на психолошки тест за да ја потврди својата сексуална ориентација”, рече Европскиот суд на правдата. „Извршувањето на таков тест претставува диспропорционално мешање во приватниот живот на барателот на азил”, додаде судот.

Барателот на азил поднел жалба до унгарските власти во април 2015та година, велејќи дека се плаши од прогон поради неговата хомосексуалност. Хомосексуалноста е нелегална во конзервативната Нигерија, а во 2014та година беа усвоени и други закони против геј браковите и истополовите заедници.

Унгарските власти го отфрлија неговото барање за азил откако експертскиот извештај на психологот што го повикале не ја потврдил неговата наводна сексуална ориентација, соопшти судот.

Десничарската влада на Виктор Орбан е жесток противник на масовната миграција и ги отфрли задолжителните квоти за бегалци наметнати од Европската унија.