ДОМ - Демократска обнова за Македонија


Демократска обнова за Македонија се карактеризира како политичка партија со „зелена“ идеологија, а по политичко позиционирање е лево централно насочена. Основана е на 26 ноември 2005 г. во Скопје.

Предмет на анализа беше „Зелената програма на ДОМ 2016-2020“, во која човековите права се опфатени низ целата програма. Како основни приоритети се наведуваат: почитување на човековите права, еднакви можности, недискриминација и толеранција на различностите (сексуална оринетација и родов идентитет). Стратешка политика на ДОМ е еднакви можности за сите граѓани, без оглед на полот, расата, етничкото и социјално потекло, возраста, верската определеност, сексуалната ориентација, физичка состојба. Истовремено, претседателката на ДОМ, г-а Лилјана Поповска, го одговори прашалникот за застапеноста на ЛГБТИ-лицата во политичката агенда кој ѝ беше доставен од страна на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен Фронт“ Скопје

Во рамките на програмата посветено е посебно поглавје за ЛГБТИ-лицата, кое што е адаптирано согласно потребите на самата заедница, невладините организации кои работат на оваа проблематика, како и Извештајот за напредокот на Македонија од ноември 2015 година од страна на Европската Комисија. Поддршка за ЛГБТИ-лицата „ДОМ“ дава преку својата претседателка и пратеничка во Собранието на Р.М. и поранешна претседателка на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, која пружа безрезервна поддршка застапувајќи ги правата на ЛГБТ-заедницата и сите останати маргинализирани групи на граѓани во институциите на државата и во медиумите.

Како досегашни заложби на оваа политичка партија можат да се набројат:

  • Поднесен Амандман со цел додавката за вонбрачна заедница да биде избришана од предлог-амандманот на уставниот член 40, според кој бракот и вонбрачната заедница се партнерство „исклучиво меѓу само една жена и само еден маж“
  • Поднесен е Закон за спречување и заштита од дискриминација во кој се проширени основите за дискриминација во членот 3, со зборовите „сексуална ориентација и родов идентитет“

Приоритети во насока на заштита на правата на ЛГБТИ-лицата кои ДОМ ги наведува се подигање свеста за почитувањето на различностите во општеството и спротивставување на нетолеранцијата кон ЛГБТ-лицата во Р. Македонија, зголемување на видливоста на ЛГБТ-заедницата преку присуство во медиумите и образованието, измена на Законот за недискриминација и додавање на сексуалната ориентација и родов идентитет како основ за недискриминација, овозможување на еднаков пристап и недискриминација при вработување на маргинализирани групи на граѓани во општеството, вклучувајќи ја и ЛГБТ-заедницата во Р. Македонија.

Дали сметате на гласовите на ЛГБТИ-луѓето и зошто мислите дека тие треба да ја поддржат Вашата политичка партија и да гласаат за Вас?

Одговор: ДОМ континуирано покажува јасна поддршка на ЛГБТИ-лицата во нивната борба за еднакви права во Македонија. Нашите досегашни заложби за заштитата на правата на ЛГБТИ-лицата се во согласност со еден од главните приоритети – социјална правда и еднаквост за сите. ДОМ активно соработува со граѓанските организации кои ги застапуваат правата на ЛГБТИ-лицата во Македонија. Гласот за ДОМ е глас за поддршка на борбата на една заедница која има малубројни поддржувачи, а многубројни проблеми од различен вид.

Прашалникот може да го преземете овде

Учествувај во кампањата


Спроведено од

Поддржано од

и

+389 2 6139874