СДСМ - Социјалдемократски сојуз на Македонија


Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, е партија која по својата ориентација е социјалдемократска и е дел од левиот политички блок во Р. Македонија. Оваа партија е основана на 20 април 1991 г. во Скопје и е наследничка на Сојузот на комунистите на Македонија.

За потребите на оваа анализа, официјална претставничка на СДСМ г-а Мила Царовска, Претседателка на Комисијата за труд и социјална политика при СДСМ, го пополни прашалникот кој беше доставен од страна на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста Субверзивен Фронт од Скопје. Истовремено, анализа беше направена и на неодамна објавената програма на СДСМ и коалиционите партнери за предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 насловена „План за живот во Македонија“.

Од одговорениот прашалник може да се издвојат следните ставови:

  • СДСМ генерално верува и се залага за еднакви права на ЛГБТИ лицата во Македонија, при тоа поддржувајќи законски иницијативи за измени на Законот за заштита од дискриминација, како и Кривичниот законик на РМ со воведување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација и сторување на кривични дела од омраза по истиот основ, но и јавно би осудиле говор на омраза на организиран ЛГБТИ настан.
  • Оваа политичка партија би поддржала воведување на наставни содржини поврзани со ЛГБТИ лицата во рамките на наставните програми во училиштата, како и законски иницијативи за измени на соодветното законодавство со цел покривање на медицинските трошоци на трансродовите лица при промена на нивниот пол.
  • СДСМ сè уште немаат јасно изразен став по однос на поддржување на законска иницијатива за измени во постоечкото законодавство, во врска со законско препознавање на семејства составени од истополови двојки, при што од страна на оваа политичка партија не беше наведено ни истополовото партнерство како евентуална опција. Евидентно е и отсуство на дискусија за дефинирани и прецизни ставови по однос на законски иницијативи за измени на законската регулатива за менување на полот за трансродовите лица, но и за измени во законот за биомедицинско потпомогнато оплодување кое би се однесувало и за ЛГБТИ лицата.

Визијата на оваа политичка партија за Македонија е „Македонија земја без дискриминација“, при тоа наведувајќи го следното: „Еднаквоста и забраната на дискриминацијата се основно човеково право, кое во Р. Македонија не се почитува. Воспоставувањето на систем на целосно отстранување на сите форми на дискриминација во Р. Македонија ќе биде еден од приоритетите на новата влада. За таа цел, ќе ја реформираме Комисијата за заштита од дискриминација, која ќе прерасне во независно, стручно тело со зголемени надлежности, составено од лица кои се вистински посветени на заштита на ова човеково право. Ќе спроведеме и обуки на судиите за препознавање на дискриминацијата со цел да се обезбеди и ефикасна судска заштита од дискриминација“.

Во програмата на СДСМ и коалиционите партнери за предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 насловена „План за живот во Македонија“, ЛГБТ-лицата се споменати само на едно место, и тоа во делот 5. Градиме едно општество, каде се укажува на штетната политика на нетрпеливост која власта во изминатите години ја водеше која резултираше со изблици на групно и поединечно насилство врз припадниците на ЛГБТ-заедницата од страна на екстремни групи и поединци.

Во идни активности, клучни за владеење на правото и почитување на човековите права и слободи, СДСМ имаат предвидено ратификување на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашното насилство од 2011 г., ратификување на Истанбулската конвенција, но и креирање на системи за гаранција на човековите права, како и воведување на сексуално образование во училиштата и поддршка за измени на законот за заштита од дискриминација. Во рамките на оваа политичка партија, според податоците изнесени во прашалникот, не е дискутирано за фактот дали во истата има ЛГБТИ лица кои би биле кандидати за следните избори.

Дали сметате на гласовите на ЛГБТИ-луѓето и зошто мислите дека тие треба да ја поддржат Вашата политичка партија и да гласаат за Вас?

Одговор: Социјал-демократскиот сојуз заедно со ЛГБТ-заедницата има за цел да обезбеди дека сите граѓани на Македонија имаат корист од граѓанските и човековите права кои ги заслужуваат - бидејќи борбата за еднаквост влијае врз сите нас. Во нашата изборна програма јасно зстануваме на позоцијата дека еднаквоста и забраната на дискриминацијата се основно човеково право, кое во Република Македонија не се почитува. Воспоставувањето на систем на целосно отстранување на сите форми на дискриминација во Република Македонија ќе биде еден од приоритетите на новата влада. За таа цел, ќе ја реформираме Комисијата за заштита од дискриминација, која ќе прерасне во независно, стручно тело со зголемени надлежности, составено од лица кои се вистински посветени на заштитата на ова човеково право. Ќе спроведеме и обуки на судиите за препознавање на дискриминацијата со цел да се обезбеди и ефикасна судска заштита од дискриминација. Ја ратификуваме и Истанбулската конвенција со што се воспостават механизми за заштита од наслство во кои не постои дискриминација врз основа на родов идентитет и сексуална ориентација. Овие мерки од програмата се значајни, свесни сме дека и по нивното остварување работа е далеку од завршена. Но, искуството ни кажува дека за вистински промени и напредок е важно да се оди "Чекор по чекор, закон по закон, човек по човек“. Стоиме заедно со сите кои се борат за еднаквост и рамноправност во Македонското општество.

Прашалникот може да го преземете овде

Учествувај во кампањата


Спроведено од

Поддржано од

и

+389 2 6139874