Возејќи се во автобус, принудена сум во детали да слушам една госпоѓа како ѝ раскажува на својата пријателка за некој брачен пар-распар што бил во процес на „оставање“. Тоа било страшнo, оти што сака нека да биде ама растурање на семејство – во никој случај.Во принцип, насекаде се труби за вредноста на семејството. Ете, отвораме и нови „семејни студии“ на Филозофскиот факултет во Скопје, за да се едуцираме подобро за… па, важноста на семејните нешта.
Меѓу другото и за да ги опремиме студентите со посилни аргументи против злото на абортусот, како и за рајот на многудетните семејства. Не е баш тајна дека образованието веќе се унаказува со брзина на светлината.
Колку и да не ми се допаѓа мене таа настојчивост и нападност во политичките и религиозните бладања, поточно, колку и да ме разгневува до точка на исфрлање со пликови, нема негирање дека семејството е важна работа. Премногу важна.
Само, малку е грозно да се набљудува како сите тие „семејници“ се ептен против било кој друг облик на семејство освен она традиционално и богоугодно. А покрај тоа, делува и дека семејството се набљудува како кошничка која ќе се исполни со позитивни вредности и бескрајни среќи со самото свое постоење.
Тазе прочитав дека веќе се познати добитниците на музички државни субвенции за пејачите и композиторите од кои се очекува да ги напишат идните хитови („Трето па машко“) со кои ќе ѝ ги промовираат семејните вредности на својата публика. Притоа, многу се забавував забележувајќи дека на конкурсот се пријавиле и некои ликови кои во своите досегашни квалитетни дела вообичаено опејуваат танги и мегаломанија.
Елегантниот терминот семејни вредности во еден помалку елегантен превод значи венчавање и правење што повеќе деца. Значи, една од поважните задачи за усовршување на општеството е инспирирање на народот да се венчава и да прави деца, преку генијални културни изблици. Без двоумење, ова сигурно ќе има ефект. Иако, некако се сомневам дека резултатот ќе биде купишта семејства а нула вредности. Мене ме интересира, зошто на пример, не би можеле фино да ги одделиме двата збора од ’семејни вредности’, и да го оставиме првиот да дејствува на своја рака а повеќе да поработиме на вториот?
Важно е да се забележи дека семејството само по себе не гарантира здраво и фино потомство.
Прашајте го Фројд, како за почеток. Понатаму, да си родител не е никаква од бог дадена престижна функција која те прави вреден човек. Родителот или ќе те воспита во нешто добро, или ќе те унакази за барем пола живот. Знаете, нели, дека се случува мајки да не си ги сакаат децата? Мислам, онака вистински? Табуизирањето на семејството и родителството во нашето општество можеби некому му се допаѓа, му дава живот во позлатено меурче од чие прснување го чува бројно обезбедување, но всушност треба да загрижува. Секоја дискусија на темата станува невозможна без да се активира долга редица борци за институцијата семејство и нивните клетви и пцовки, без напамет да се зборува за вредности додека постапките покажуваат елитен конформизам.
И кога сме веќе кај семејството и семејните вредности, мене повеќе ме привлекува да се позанимавам со некои контроверзни прашања. Отсекогаш ме интересирало, зошто двајца здрави и стабилни мажи не би можеле да одгледаат здраво и стабилно дете? Или пак две здрави и интелигентни жени? Или пак, Марсовец и пар свингери? Ако внимателно се размислува, зарем не е вистински чудно квалитетот на родителството автоматски да му се препишува на самиот пол на родителот?
Да си добар родител во крајна линија е вештина која се учи, а за која би било добро поединецот да има барем некои основни предуслови: да сака да е родител, да е во граници на нормалност со психичко здравје, да има соодветни финансиски можности, да се грижи за себе притоа не повредувајќи други, да умее да љуби. Ако некој ги има овие минимуми, а покрај тоа можеби и уште повеќе доблести или можности, зошто не би умеел добро да ги пренесе на потомството, и покрај неговиот пол, род, раса и вероисповед? А глобално најактуелно – зошто, побогу, и покрај неговата сексуалната ориентација?
Погледнете околу себе. Што прави добри, „нормални“ и „морални“ деца – особините и однесувањето на родителите или нивната хетеросексуалност?
На оваа тема имаме три најважни против-аргументи: „и детето ќе биде педер“, „тоа е болест“, и „децата ќе бидат сексуално злоупотребени“.
Во однос на првиот, досегашните истражувања покажуваат сексуалната ориентација на децата на хомосексуалците не варира значајно од онаа на децата на хетеросексуалците (Judith Stacey & Timothy J. Biblarz, 2001; Goldberg, 2010). Сепак, можеби наједноставно е да се размисли на следниот начин – доколку, ете, сексуалната ориентација е средински и воспитно условена (ќе си дозволам себеси да го наречам тоа малку несозреан став, само бидејќи ништо во светот не е последица на само еден причинител), од каде никнале низ вековиве толку многу хомосексуалци пораснати од оние фини и богоугодни венчани родители?
Што се однесува до светските асоцијации на психолози и лекари, аргументот дека тоа е болест е одамна побиен. Хомосексуалноста не е болест (а многумина геј луѓе болно го искусија тоа на своја кожа во серијалот на мошне креативни експериментални терапии за лечење на хомосексуалноста во минатото), и дискриминацијата од тој аспект е недозволива.
А во врска со педофилијата, се разбира дека постојат педофили меѓу хомосексуалците. Ако не се лажам, повеќе ги има меѓу свештениците. Не сум сигурна каде е проблемот овде, во сексуалната ориентација или во општеството – особено неговите институции кои треба да превенираат таквите луѓе да имаат/ добијат деца?
На крајот, како и кај многу други теми, останува стравот од непознатото, и паничното држење за многувековното. Други добри аргументи најчесто нема. Со исклучок на најинтересниот – повикување на природниот поредок на нештата. Ние, веќе докажаните негувачи на природата, тврдиме дека знаеме како треба да изгледа природното и земаме за право да бараме од неа смрт за други живи суштества, а таа кутра од што нема да најде сили повеќе да се бори со нашата глупост и поучена од својата лоша проценка со човештвото, верувам дека ќе биде прва на некој нареден и многу оправдано насилен протест за правото на навремен абортус.
Создавањето на семејство е избор околу кој е недозволив притисок. Бидувањето родител е вештина на која се работи со љубов и која сама по себе не познава каква било дискриминација. А вредностите се градат со многу труд, и понекогаш најдобрата карактеристика им е менливоста.
Марија Грубор
Извор: Инкогнито