Зошто ѝ се важни на Македонија родовите студии? – 6

Намерувајќи да ја одржи во живот општествената расправа за прашањата од областа на родовите студии — сред временото згаснување на програмата за родови студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ — студентската организација „Излез“ им се обраќа на повеќе имиња од домашната јавна сцена со едно единствено прашање: зошто ѝ се важни на Македонија родовите студии? Одговорите ги поврзуваме од ден на ден!

Во врска со одлуката за заменување на родовите студии со семејни студии не би можел да кажам ништо поразлично од она што на сите им е веќе јасно. Оттаму, вниманието би сакал да го свртам кон професорите што ќе предаваат на новите семејни студии и кон студентите што ќе се образоваат таму. Во најдобар случај, и едните и другите би покажале слободен став и слободен ’рбет. Мислам дека добрите, свесни професори на овие студии ќе зборуваат и за правата на жената и за правата на ЛГБТ заедницата, додека лошите, ограничени професори само слепо ќе го следат предвидениот материјал. Исто така, добрите, свесни студенти ќе искажуваат свој критички став и ќе истражуваат поопсежно, додекаа лошите, ограничени студенти ќе земаат сè здраво за готово и ќе се чувствуваат како заточеници на професорите. Од една страна, се надевам дека професорите на досегашните родови студии почесто ќе објавуваат свои текстови во медиумите, а од друга, се надевам дека уредниците и новинарите од медиумите ќе направат мноштво интервјуа со професорите и со студентите од новите семејни студии, споредувајќи ги нивните ставови со ставовите на професорите и на студентите од родовите студии.

Живко Грозданоски
писател

Извор: Излез