Студиска посета на ЕУ институциите и состанок во Брисел

Брисел, 19 ноември 2015

Овој понеделник и вторник (16-17 ноември), нашиот Антонио Михајлов учествуваше на студиската посета на ЕУ институциите во Брисел, организирана од ИЛГА Европа и Сараевскиот отворен центар.

Оваа студиска посета, која е втора по ред каде Субверзивен фронт има свој учесник, имаше за цел да ја претстави од поблиску работата на Европската комисија, Европскиот парламент, и Европската служба за надворешно дејствување, посебно во делот на застапувањето на правата на ЛГБТИ лицата. Антонио, заедно со 15 останати ЛГБТИ активист(к)и од земјите на западен Балкан, кои се или земји – кандидатки за членство, или земји – потенцијални кандидатки, се состанаа со претставници/чки од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, кому им ги претставија критичните проблеми со кои ЛГБТИ лицата во нивните земји се соочуваат, како и забелешките за тукушто објавените Годишни извештаи за напредокот на овие земји кон Европската унија. Антонио исто така одржа говор и во рамките на промоцијата на ново-создадената регионална асоцијација на ЛГБТИ организации од западен Балкан и Турција – ЕРА во Европскиот парламент.

Следните два дена, 18 и 19 ноември, исто така во Брисел, Антонио, како претставник на Субверзивен фронт, учествуваше на иницијалниот состанок на Сараевскиот отворен центар, заедно со претставници/чки на останати 3 организации од Босна и Херцеговина, Србија, и Косово, во рамките на спроведувањето на проектот „Користење на ЕУ интеграциските процеси за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата во западен Балкан“. Со овој проект се цели да се воведе систематизирано документирање на прекршувањата на човековите права на ЛГБТИ лицата во земјите на западен Балкан, и да се застапува за ЛГБТИ правата на меѓународно ниво, т.е., пред институциите на Европската унија. Проектот, кој е координиран од Сараевскиот отворен центар, а покрај Субверзивен фронт, како партнерски организации се јавуваат и Лабрис од Србија, Центарот за еднаквост и слобода од Косово, и Фондацијата ЦУРЕ од Босна и Херцеговина, е финансиран од страна на Стејт Департментот, Бирото за демократија, човекови права и труд, во износ од 332,000 US$.