Загрижувачки податоци за статусот на ЛГБТИ лицата во Македонија

Скопје, 9 декември 2015

Само 1% од општата популација во Македонија знае што oзначува ЛГБТИ, високи 58% од родителите сметаат дека ако нивното дете е ЛГБТИ, треба да се лечи, и 84% од граѓан(к)ите во државата не поддржуваат Парада на гордоста

Ова се некои од резултатите од регионалното истражување на јавното мислење за ЛГБТИ кое летово се спроведуваше во Македонија и во останатите земји од западен Балкан. Испитувањето на јавното мислење во земјава врз основа на стратификуван случаен примерок репрезентативен примерок, и на ставовите на ЛГБТИ лицата во државава преку пригоден примерок, покажува загрижувачки резултати за ставовите и перцепциите на населението за оваа ранлива и дискриминирана група на граѓан(к)и.

„Иако за голем дел од резултатите на ова сеопфатно истражување на јавното мислење за ЛГБТИ во Македонија имавме изградено прилично точни претпоставки и очекувања, сепак, навистина е загрижувачки да се прочита дека мнозинството од луѓето овде сметаат дека си болен и дека треба да се лечиш. Трендот на иселување на ЛГБТИ лицата од земјава и понатаму е во нагорен тренд, а насилството врз ЛГБТИ лицата како горлив проблем подеднакво се препознава и од страна на општата јавност, и од страна на самите ЛГБТИ лица. Клучниот заклучок од овие сознанија е дека ЛГБТИ лицата во голем дел идентификуваат дискриминација во сферите на вработување, полициска заштита, и социјална заштита – области каде државните органи имаат надлежност и обврска да постапуваат и дејствуваат“ – вели Антонио Михајлов од Субверзивен Фронт – здружение кое ги застапува правата на ЛГБТИ лицата.

„Она што нам, како активисти, нè охрабрува и ни помага во креирањето на визијата за во иднина, е податокот дека третина од ЛГБТИ лицата во Македонија кои одговориле на прашалникот, сакаат да станат активисти за ЛГБТИ права, дека личниот контакт со ЛГБТИ лице значително ги редуцира стереотипите и предрасудите кон оваа заедница, и дека физичкото насилство врз овие лица е неприфатливо“ – изјави Беким Асани од ЛГБТ Јунајтед Тетово – организација која работи на омоќување на ЛГБТИ заедницата во Македонија.

Истражувањето го спроведуваше регионалната програма на Националниот Демократски Институт од Вашингтон во соработка со канцелариите на Ipsos Strategic Marketing во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора во јуни и јули оваа година.