Речиси половина од ЛГБТИ лицата во РМ се задоволни од работата на ЛГБТИ организациите

Скопје, 24 декември 2015

31 отсто од ЛГБТИ лицата во Македонија немаат поволно мислење за ниту едно ЛГБТИ лице присутно во медиумите. Најповолно мислење кај ЛГБТИ лицата за негово присуство во медиумите ужива Беким Асани од ЛГБТ Јунајтед Тетово.

Ова се резултатите од истражувањето на ставовите и перцепциите на ЛГБТИ лицата во Македонија, кое беше спроведено во јуни и јули оваа година, од страна на Националниот демократски институт и Ipsos Strategic Marketing, врз основа на пригоден примерок од 237 испитаници/чки.

„46 отсто од испитаните ЛГБТИ лица се лично задоволни од работата на граѓанските организации во Македонија кои се занимаваат со ЛГБТИ прашања, а високи 83 отсто од нив сметаат дека поддршката од Европската унија е многу важна за подобрувањето на статусот на ЛГБТИ лицата во Македонија. Ова за нас се важни податоци посебно во креирањето на понатамошните стратегии на дејствување, и барањето партнери и соработници во остварувањето на нашите цели“, вели Антонио Михајлов од „Субверзивен Фронт“ – здружение кое работи на истражувања и едукација за ЛГБТИ теми.

„Самиот факт што предводам на листата на ЛГБТИ лица кои уживаат поволно мислење кај заедницата, ме охрабрува и дополнително мотивира да продолжиме со омоќувањето на заедницата – нешто што се покажа како неопходно, според резултатите на ова истражување. Ова е едно од ретките истражувања каде ЛГБТИ лицата во Македонија можеа да се произнесат за прашања од важност за нивните животи, и ние, како ЛГБТИ активисти, имаме обврска тој дијалог со заедницата да го зацврстиме и прошириме.“ – вели Беким Асани од ЛГБТ Јунајтед Тетово.