Скопје, 5 март 2016
Вчера, петок, 4 март, во арт киното „Критерион“ во Сараево, се случил напад врз вработените и посетителите на киното, јавуваат нашите другари од Сараевскиот отворен центар. Четворица младинци, влегле во локалот, извикувале погрдни зборови, ги навредувале присутните и се заканувале со насилство. Уште повеќе, насилниците фрлале со шишиња, чаши и останати тврди материјали кон присутните, заканувајќи се дека ќе го запалат киното доколку некој пријави полиција.
Според лекарските наоди, едно момче е тешко повредено, а физички била нападната и една девојка – присутна во киното. Триесетина останати сведоци на насилството преживеале значително психолошко малтретирање.
Според известувањата на медиумите, полицијата наводно ги привела сите четворица, кои, после земањето изјава, биле пуштени на слобода. Мотивот на овој напад, според изјавите во медиумите, не е познат, така што актот е регистриран како насилничко однесување.
Овој напад многу потсетува на нападот во истото кино „Критерион“ од 1 февруари 2014, за време на одржувањето на филмскиот фестивал „Мерлинка“, кој ги слави сексуалните и родови различности. И тогаш, киното „Критерион“ беше цел на напади врз момчиња поради нивна поврзаност со ЛГБТ заедницата.
Ваквиот хомофобичен напад во Босна и Херцеговина доаѓа во време кога во Парламентот на Федерацијата БиХ – еден од трите федерални ентитети на БиХ, се пред усвојување амандмани на Кривичниот закон на Федерацијата БиХ, во кои се содржани сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како основи за извршување вакви кривични дела од омраза.
Субверзивен Фронт, заедно со Сараевскиот отворен центар и останатите граѓански организации од БиХ и регионот, најостро го осудуваат ваквиот брутален напад врз киното „Критерион“ кое во изминатиот период израсна во бастион на слободно уметничко и политичко изразување. Истовремено, ги повикуваме надлежните државни институции на Босна и Херцеговина да го окарактеризираат овој напад како кривично дело од омраза врз основа на сексуална ориентација, што е очигледно според изјавите дадени за полицијата од страна на сведоците и присутните.