Balkan Pride 2016 – Тренинг за човекови права на ЛГБТ

Скопје, 6 март 2016

Од денеска до 10 март, Субверзивен Фронт во Скопје го организира тренингот „Човекови права на ЛГБТ лицата на Балканот: правна рамка, историјат, и сегашни трендови“. Тренингот е замислен како место каде 31 активист од 9 различни земји од регионот ќе се соберат, дискутираат, и разменат идеи, мислења и искуства за теми како човекови права на ЛГБТ лицата, историски развој на ЛГБТ движењето во светот и регионот, стереотипи и предрасуди кон ЛГБТ лицата, како и критични проблеми за ЛГБТ заедниците во земјите од регионот.

Тренингот се спроведува во рамките на проектот „Balkan Pride 2016“, чиј главен носител е групата за поддршка на ЛГБ млади „Izadji / COME OUT“ од Нови Сад, Србија. Овој проект има за цел да ги изгради капацитетите на локалните ЛГБТ организации во однос на застапувањето на правата на ЛГБТ лицата, да го промовира маршот/парадата на гордоста како облик на постигнување на посакуваната промена, како и да создаде платформа на соработка поврзана со организацијата на настани славејќи ги сексуалните и родови различности во регионот, со цел да ја зголеми мобилизацијата за и видливоста на овие настани.

Главните активности на проектот се 3 тренинга и еден состанок кои ќе се одржуваат во текот на март, јуни, септември и ноември оваа година. Секоја партнерска организација од 9-те е должна да испрати 3 учесници за секој тренинг, додека 4-тата активност – состанокот, е резервиран за претставниците на партнерските организации. Целиот проект “Balkan Pride 2016” е финансиран од страна на Еразмус+ програмата на Европската унија.