Поразително влијание на хомофобијата врз менталното здравје на младите ЛГБТИ лица

Скопје, 28 април 2016

Младите ЛГБТИ лица се повеќе и почесто изложени на депресија, покажуваат повисоко ниво на анксиозност во социјалната интеракција и почесто прикриваат важни информации за себе, за разлика од нивните стрејт врсници.

Ова се дел од резултатите од првото истражување во Македонија на дискриминацијата, насилството, вознемирување и малтретирањето на младите ЛГБТИ лица засновани на сексуална ориентација и родов идентитет, кое го спроведуваше Субверзивен Фронт во партнерство со Младински образовен форум. Истражувањето беше спроведено врз пригоден и случаен примерок на млади лица (18-30 г.) кои живеат во сите општини на Град Скопје, притоа користејќи онлајн прашалник, лице-в-лице анкета и фокус групи.

„Наодите од ова прво вакво истражување за младите ЛГБТИ лица во Македонија се поразителни. Јасно видливо е штетното влијание кое хомофобијата и трансфобијата во општеството го имаат врз психофизичкото здравје и севкупната благосостојба на младите ЛГБТИ лица. Уште повеќе загрижува високото ниво на интернализирана хомофобија кај самите ЛГБТИ лица, како и фактот што дискриминаторски ставови се промовираат од страна на просветните работници, отежнувајќи го уште повеќе психосоцијалното функционирање на младите ЛГБТИ лица“ – вели Антонио Михајлов, претседател на Субверзивен Фронт.

„Она што ние како ЛГБТИ активисти и истражувачи, би можеле да го препорачаме за соодветно третирање и решавање на овој проблем, е зголемување на општествената кохезија во рамките на ЛГБТИ заедницата, подобрување на услугите за ментално здравје на ЛГБТИ лицата, продолжување на напорите за лобирање и притисок за усвојување на инклузивни законски решенија за заштита од дискриминација, насилство, злосторства и говор од омраза засновани на сексуална ориентација и родов идентитет, како и спроведување на образовни кампањи по сексуална ориентација и родов идентитет, користејќи современа литература и најнови информации наменети за јавноста и просветните работници“ – изјави Кристефер Стојановски – консултант за истражување при Субверзивен Фронт.

Спроведувањето на истражувањето беше финансиски поддржано од фондацијата за поддршка на младински проекти и иницијативи Schüler Helfen Leben од Берлин, Германија. Целосниот извештај од истражувањето може да се преземе овде.