Регионална соработка при заштитата на човековите права на ЛГБТИ лицата

Во регионот на Западен Балкан, човековите права на ЛГБТИ лицата се прекршуваат на дневна основа. Една од причините за ваквата ситуација е фактот што органите на власта не се определиле за креирање и/или унапредување на институционалните и правните елементи со кои би се заштитиле ЛГБТ правата. Она што недостига е структурен поттик за напуштање на хомофобичните практики од една страна, и притисокот за усвојување и примена на закони кои ќе ги заштитат ЛГБТ луѓето, од друга страна. Поради овие причини, Сараевскиот отворен центар (Sarajevski otvoreni centar), во партнерство со Субверзивен Фронт (Македонија), Labris Beograd (Србија), Cel Kosovo (Косово), Fondacija Cure/CURE Foundation (Босна и Херцеговина) и ILGA-Europe (Белгија) почна со спроведувањето на проектот „Искористување на ЕУ интеграциските процеси за подобрување на ЛГБТ правата во Западен Балкан“.

Главната цел на проектот е да се унапреди почитувањето и признавањето на човековите права на ЛГБТИ лицата во земјите од Западен Балкан, со користење на процесот на пристапување од ЕУ како фокусна точка за насочено застапување базирано на докази. Преку

  1. Зајакнување на капацитетите на организациите за правата на ЛГБТИ луѓето;
  2. Зголемување на застапувањето базирано на докази во работата на организациите;
  3. Застапување за ЛГБТИ правата на европско и национално ниво,

овој проект има за цел ефикасно да го искористи процесот за пристапување во ЕУ за да ги подобри статусот и правата на ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан.

Проектот е финансиски поддржан од Бирото за демократија, човекови права и труд на Стејт Департментот на САД со буџет од 332,000.00 УСД.