Светската здравствена организација (СЗО) презема мерки за декласифицирање на трансексуалноста како ментално растројство, додека ја ажурира својата класификација на ментални болести, за прв пат во последниве децении.
Оваа организација, која е одговорна за јавното здравство при Обединетите Нации (ОН), ја разгледува можноста за правење на промени во ревидираната категоризација на ментални нарушувања што ќе биде објавена во 2018 година.
“Дефинирањето на трансродовиот идентитет како ментално нарушување се злоупотребува за да се оправда негирањето на здравствената заштита и придонесува кон перцепцијата дека трансродовите луѓе мора да се третираат од страна на психијатриски специјалисти, создавајќи бариери за пристап кон здравствените услуги.” вели водечкиот истражувач Џефри Рид од Националниот автономен универзитет во Мексико.
Во една студија, истражувачите интервјуирале 250 трансродови луѓе на возраст од 18-65 год. и откриле дека и покрај тоа што многу од нив доживеале стрес во својот живот, поголемиот дел од ова произлегува од искуството на социјално отфрлање и насилство насочено кон нив од другите – а не конфузија или негативни чувства во врска со нивниот трансродов идентитет.
Иако ревизијата на класификација нема да ги промени негативните ставови и однесување на некои луѓе кон трансродовите лица за една вечер, истражувачите сметаат дека тоа ќе помогне да се направат работите подобри на долг рок – намалувајќи ја стигматизацијата со која што се соочува транссексуалната заедница во моментов. Добрата вест е тоа што за прв пат во децении откако класификациите биле последен пат ревидирани, трансродовите лица ќе бидат ослободени од товарот да им се кажува дека тие се ментално болни само поради нивниот трансродов идентитет – и оваа едноставна промена може да доведе до многу добри нешта.
Извор: Science Alert