После 4 месеци непрекинато размислување, Вучиќ конечно го објави составот на новата Влада. Најголемото изненадување. како што тој вели е “една министерка која јавно се изјаснува како личност со хомосексуална ориентација”. Оваа одлука е поздравена од многу разни страни, од организации кои се борат за правата на ЛГБТ+ лицата, до оние кои на ова гледаат како показател на стремежот кон европските вредности. Меѓутоа целиот потег на предлагање на министерката и ставање на нејзината сексуална ориентација во фокус е проблематичен на повеќе нивоа и може да нанесе голема штета, не само на идната министерка, туку и на ЛГБТ+ популацијата во Србија.
Наместо да говори исклучиво за способностите на својата идна колешка Брнабиќ, Вучиќ ја нагласува нејзината сексуална ориентација. Дури и Ана Брнабиќ да е на чело на ресорот што се занимава со човекови и малцински права, ваквиот коментар би бил непотребен и дискриминаторски. Досега ништо не сме слушнале за сексуалната ориентација на другите министри. И не само тоа – самиот факт што некој открива нечија туѓа сексуална ориентација, а не самата личност, е поразително од гледиштето на човековите права. Сексуалната ориентација како да не е веќе приватна работа на индивидуата, па нејзиното изјавување станало исклучиво дискреционо право на мандатарот. Некој може да каже дека Ана Брнабиќ му дала согласност на Вучиќ да ја изјави нејзинота сексуална ориентација, меѓутоа и да е така, не треба да се занемари фактот дека со таа изјава, се занемарува прашањето за нејзината стручност.
Таа доаѓа на местото министерка за државна управа и локална самоуправа. Ова министерство во наредниот период го чека продолжување со ригорозните реформи, каде дел од последиците ќе биде и многу отпуштања. Тоа го потврдува и самиот Вучиќ, кога вели дека него го интересираат само резултатите во “тешката работа што е пред неа”. Кога на вакво место ќе се постави жена (која традиционално ретко зазема позиција на моќ), па уште и лезбејка, не е тешко да се претпостави дека секоја нејзина одлука ќе биде согледана низ призмата на нејзината сексуална ориентација. Во случај да не ги исполни очекувањата, или постапките на нејзиното министерство да не се популарни кај граѓаните (што е за очекување), тие можат да се интепретираат како типични за целата група која таа ја претставува, што може да ги продлабочи веќе постоечките негативни стереотипи за луѓето со хомосексуална ориентација.
Именувањето на лезбејка на чело на министерството нема да го забрза спроведувањето на поглавјата 23 и 24 и тешко дека ќе придонесе за поголемо почитување на човековите права и правата на малцинствата. Како и другите жени во владата, најавената министерка може да стане цел на напади во таблоидите и хомофобични коментари од нејзините колеги. Имајќи предвид дека министерката Михајловиќ доживеа сериозни дисквалификации само затоа што е жена, Ана Брнабиќ веројатно ја очекува сличен третман.
Истакнувањето на сексуалната ориентација на министерката може да делува како позитивна мерка, но само ако тоа е нејзина лична одлука и ако се со тоа почитуваат сите останати механизми за заштита и промоција на правата на ЛГБТ +. Ваков потег во Србија, каде што постои исклучително ниско ниво на почитување на правата на лицата со различна сексуална ориентација од хетеросексуалната, каде што геј парадата едвај се одржува по втор пат со помош на огромна полициска заштита, каде што припадниците на политичката елита отворено изразуваат нетолеранција кон ЛГБТ + луѓето – речиси и да нема смисла. Србија не може да стане Шведска преку ноќ. Хомофобијата е длабоко вкоренетa во нашето општество и ваквиот чин нема да придонесе кон намалување на предрасудите и насилството со кои членовите на ЛГБТ+ популацијата се соочуваат секојдневно.
Авторка: Аурелија Ѓан, истражувачка во Белградскиот центар за безбедносна политика.
Извор: pescanik.net