Со сечење на свечената лента денеска во „Миксер хаус“ во Белград ќе биде отворена шестата белградска „Недела на гордоста“, која ќе заврши на 18 септември со маршот на Гордоста.
Годинешната манифестација, која покрај членовите на Организацискиот одбор, ќе ја отвори и режисерот Стева Филиповиќ, се одржува под слоганот „Љубовта го менува светот“. Организаторите претходно соопштија дека со овој слоган сакаат да искажан солидарност кон ЛГБТ заедницата во Србија, регионот и во светот.
Претставникот на Организацискиот одбор на „Парада на гордоста“, Бобан Стојановиќ рече дека „Неделата на гордоста“ е поделена во три целини, односно дел за дебати, филмски и дел посветен на културата. Дебатите ќе се одржуваат секој ден во 17.30 часот, во Културниот центар на Белград, а на нив ќе може да се разговара за најразлични теми поврзани со правата на ЛГБТ заедницата.
Стојановиќ рече дека годинава, за прв пат во историјата на белградскиот Прајд, државна културна институција застанала зад манифестацијата и им дала поддршка.
– Не радува и тоа што годинава, во рамки на филмскиот фестивал, белградската Кинотека ни излезе во пресрет и за целата недела приреди сет квалитетни филмови кои се занимаваат со ЛГБТ тематиката – рече Стојановиќ.
Тој оцени дека најинтересна и најатрактивна е културната програма, во рамки на која ќе бидат приредени разни изложби, вечери на станд ап комедија и слично.
– Би го издвоил Квир салонот, односно салонот за визуелни уметности, кои на различни начини се однесуваат на темите поврзани со сексуалниот и родовиот идентитет. Гостите, кустосите се всушност уметници од уметничката група „Чикс он спид“ (Chicks on Speed) кои изложуваат во наголемите светски галерии. Тие одлучија да дојдат и да бидат дел од белградската „Недела на гордоста“ – рече Стојановиќ.
Тој вели дека интересна ќе биде и изложбата на машки актови, но и изложбата „Невидливи“ за Ромките кои и припаѓаат на транс заедницата и кои живеат на маргините на општеството.
– Два фотографа, Драган Кујунџиќ и Весна Лалиќ, низ фотографии документираа како тие живеат. Сметаме дека тоа е посебно важно затоа што тие лица, како што е и самиот назив на изложбата, се невидливи во ова општество и се целосно на маргините – рече Стојановиќ.
Белградската „Неделата на гордоста“ завршува во недела, на 18 септември, кога ќе биде организирана Прајд прошетката од Славија до Плоштадот на Републиката.