Прва годишна конференција на ЕРА посветена на правата на ЛГБТИ лицата на Западен Балкан и во Турција

14355141_939837346128155_685786624307109977_nАсоцијацијата за еднакви права на ЛГБТИ лицата за Западен Балкан и во Турција (ЕРА) ја организира првата годишна конференција во косовскиот главен град Приштина на тема „Зошто законите не се доволни за општествената инклузија и еднаквост на ЛГБТИ лицата на Западен Балкан и во Турција?“.

На конференцијата, која се одржува од 6-8 октомври, ќе говорат еминентни промотори на ЛГБТИ правата од институциите на ЕУ, како и од државните институции од Косово и од Германија, но и претставници на ЛГБТИ организации и активисти.

Од ЕРА истакнуваат дека во изминатите 10-15 години, ЛГБТИ движењето на Западен Балкан и во Турција бележи значителен прогрес.

„Усвоени се закони со кои се декриминализира хомосексуалноста, а постигната е и значителна правна заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација, а во некои ретки случаи и врз основа на половиот идентитет“, стои во соопштението на организацијата.

Сепак, како што велат, дека не може да се гарантира дека прогресот и понатаму ќе продолжи.

„Проблемите се видливи во сите области во однос на имплементација, заштитата од насилство, дискриминација, малтретирање и на вознемирување, забележан е пораст на говорот на омраза во медиумите и социјалните мрежи, а има лош и неадекватен пристап до здравствените услуги и не постои законодавство за признавање на правата на транс или интерсексуалните лица“, велат од ЕРА.

Од Асоцијацијата велат дека првата годишна конференција ќе се фокусира на изнаоѓање начини како да се намали јазот меѓу законодавството и заедницата, односно преку дебати и работилници за актуелните проблеми и предизвици ќе се собираат идеи, предлози, модели и механизми за подобрување на имплементацијата.

Првата годишна конференција на ЕРА е организирана во соработка со Центарот развој на социјалните групи и косовскиот Центар за еднаквост и слобода.